Oд најновите податоци што ги објави Државниот завод за статистика, може да се види дека најмногу зголемени плати во јуни месец се оние на банкарите во земјава, односно во отсекот финансиско-услужни дејности, освен осигурување и пензиски фондови, каде што всушност влегуваат банките.
Тие се зголемени за 20 отсто во јуни во однос на мај, додека, пак, во јуни годинава во однос на истиот месец лани, се зголемени за 23 проценти. Или, банкарските плати во јуни изнесувале во просек 54.276 денари, говорат податоците на статистика.
Највисока и натаму е онаа во ИТ-секторот и изнесува просечно 65.536 денари, а по банкарскиот сектор, следува производството во фармацијата на трето место со 50.557. Во Топ-5 се уште и рударскиот сектор со 41.336 и осигурување и пензиски фондови со 40.784.
„Зголемувањето на просечната нето плата се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната нето плата во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување (18,7 проценти), Рударство и вадење на камен (15,2 отсто) и Образование (12,6 отсто). Зголемување на просечната месечна исплатена нето плата по вработен во однос на претходниот месец е забележано во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување (14,1 отсто), Рударство и вадење на камен (6,3 отсто) и Стручни, научни и технички дејности (4,3 проценти). Растот на просечната бруто плата во јуни 2020 година се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната бруто плата во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување (18,5 отсто), Рударство и вадење камен (15,9 отсто) и Образование (13,6 проценти). Зголемување на просечната месечна исплатена бруто плата во однос на претходниот месец е забележано во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување (14,1 отсто), Рударство и вадење на камен (6,5 проценти) и Преработувачка индустрија (4,2 отсто)“, се вели во соопштението од Државниот завод за статистика.
Во јуни годинава во државата најниски нето плати примале вработените во објекти за сместување, во туристичките агенции и кожарскиот сектор. Тие земале плати нешто над 15.000 или 16.000 денари.
По 15.284 денари просчена нето плата примале вработените од кожарскиот сектор. 16.549 примале работниците вработени во објекти за сместување, а 15.739 добивале вработените кои се занимаваат со подготовка на оброци и служење на храна. Вработените во туристичките агенции земале по 15.660, а во заштитно истражните дејности добивале по 16.167 денари нето.
Просечна нето плата во јуни годинава изнесувала 26.867 денари, што во однос на истиот месец лани е зголемување за 6,6 отсто.