Финската премиерка Сана Марин не се откажува од идејата работниот ден да трае шест часа.
Во последно време, како никогаш претходно се зборува за скратување на работното време, без разлика дали тоа е воведување на работна недела што трае од понеделник до четврток или работен ден со само шест работни часа.
На сето тоа допринесе и „ублажувањето“ на конвеционалните работни стандарди, како што е одењето во канцеларија, со оглед на тоа што за време на пандемијата сфативме дека толку многу работи можат да се направат од дома, од дневната соба на вработените, без никаков проблем.
Во Европа, но и во светот, во моментов има барем „три струи“ кога станува збор за оваа тема. Ако ги тргнеме настрана оние кои се против скратување на работното време, кое обично трае 40 часа неделно, тогаш остануваат две групи: едната е за пократок работен ден, а другата е за пократка работна недела. Заедничко за двете групи е тоа што се против продолжување на традиционалното работно време од 40 часа.
На пример, Германците се повеќе почнаа да ја заговараат идејата за четиридневна работна недела, со цел да имаат повеќе слободно време за себе и за своите семејства. Аргументот е дека некои застарени деловни модели, кога мажите работеле, а жените се грижеле за домаќинството и децата, се уште владеат во таа земја.
Овој принцип е веќе присутен во многу европски земји, особено на северот. Во Холандија, праксата на „Casual Friday“ трае веќе подолго време, кога раобтното време завршува малку порано, а пред крајот на напорната работна недела колегите може да се послужат со храна и пијалоци што ги обезбедува компанијата.
Од друга страна, финската премиерка Сана Марин и понатаму заговара шестчасовен работен ден, иако во последно време наидува на отпор од други четири партии кои се дел од коалициската влада.
Ние мора да направиме јасна визија и конкретни чекори за Финска да тргне кон пократко работно време, а вработените Финци кон подобар работен век, изјави таа.
Ваквите иницијативи доаѓаат и од далечниот Нов Зеланд, а премиерката на таа земја, Јасинда Ардерн, поинтензивно зборуваше за тоа во време на пандемија, кога беше потребно да се опорави домашниот туризам. Таа смета дека на овој начин луѓето би патувале повеќе и би оставиле повеќе пари во својата земја, доколку имаат продолжен викенд.
Какво е вашето мислење за сето ова? Дали сте за скратена работна недела или скратен работен ден?