Ако сте како повеќето луѓе, имате барем едно хоби со кое се занимавате кога не сте на работа. Можеби сакате столарство, сликате апстрактни уметнички дела или сакате да го набљудувате ѕвездите. Што и да е вашето хоби, ако имате претприемнички дух, сигурно размислувате дали освен личното уживање, може да се направат пари со тоа ваше хоби? Но, дали вашето хоби има потенцијал да прерасне во бизнис? Веројатно ќе се изненадите од одговорот, а еве и како да дознаете.
Можности за монетизација
За еден бизнис да биде успешен мора да најде начин да прави пари. Дури и ако станува збор за нешто што е ваша најглема страст, мора да имате постојан извор на приходи за редовните трошови и за да го одржувате бизнисот во живот. Затоа, мора на некој начин да го „монетизирате“ хобито. Еве неколку опции:
–Производство. Една од најлесните опции за хобија кои вклучуваат физичко производство е продавање на предметите кои ги крeирате. Можете да ја продавате уметноста која ја создавате, рачните изработки за повисока цена отколку што се вашите трошоци. Благодарение на многуте онлајн платформи како Etsy, тоа можете лесно да го направите. Само на Etsy сега има 2,1 милиони луѓе кои ги продаваат своите дела.
–Гледачи/читатели. Можете да заработувате и ако привлекувате доволно читатели, односно гледачи. Ако правите содржини за блог или снимате видеа како хоби, тоа може да ви донесе редовна публика. Вашата пракса ќе можете да ја монетизирате преку спонзорства, линкови до други страници и реклами.
–Едукација. Дури и ако не ви успее нешто друго, можеби можете да го монетизирате хобито така што ќе ги едуцирате другите луѓе како да се занимаваат со истото хоби. Можете да наплаќате за часовите, да нудите приватни сесии или групни семинари. Единствениот предуслов е да имате доволно познавања и вештини.
Ова се само неколку идеи и сигурно има и други покреативни начини да го монетизирате хобито. Сепак, најбитно е да најдете неко сигурен извор на приходи. Тоа може да се направи речиси со сите хобија, но некои хобија имаат поголем потенцијал од другите. Кога ќе најдете некој таков извор на приходи, мора да размислите дали е доволен за да креирате бизнис.
Таргет-публика и кориснички интерес
За жал, само затоа што сте добри во своето хоби не значи ќе луѓето ќе бидат заинтересирани да ве видат што правите или да ги купуваат вашите призводи. Пред да почнете да се надевате за вашиот успех, битно е да ја истражите таргет-публиката и да го испитате интересот на корисниците. Колкумина би биле заинтересирани за вашето хоби? Колкумина купуваат производи слични на тие што ги правите? Според CB Insights, 42% од стартапите не успеваат само затоа што нема потреба на пазарот од нивните производи и услуги.
Подоцна откако ќе ја претворите бизнис идејата во реалност, треба да одговорите на прашањето која ви е таргет-публиката и како можете да им продавате?
Анализа на конкуренцијата
Не сте единствената личност која сака да го претвори своето хоби во вистински бизнис. Сигурно има стотици, илјадници или повеќе луѓе кои се занимаваат со вашето хоби и прават пари од него. Ако сакате дел од колачот, ви треба начин да се диференцирате од конкуренцијата. Што го прави вашиот бренд уникатен? Би платиле ли луѓето повеќе за вашите производи или услуги? Потребна е длабинска анализа на конкуренцијата.
Трошоци и профитабилност
Наредно мора да размислите за вашиот финансиски модел. Какви трошоци ќе имате и која е потенцијалната профитабилност? За некои хобија како што е вежбањето јога или свирењето музика има минимални редовни трошоци. За други како обработката на дрво или сликањето мора внимателно да пресметате колку ќе трошите за набавка на суровини и која цена би ја платиле потенцијалните клиенти. Понатаму, треба да го пресметате потенцијалот за раст на бизнисот. Со други зборови, дали имате опција за зголемување на приходите со тек на време и да го минимизирате времето кое го инвестирате? Дали можете да најдете начин за проширување на бизнисот?
Смртта на едно хоби
Пред да станете превозбудени за можноста хобито да го претворите во бизнис, треба да знаете дека претворањето на хобито во бизнис значи дека веројатно нема да уживате во хобито како порано. Кога ќе почнете на него да гледате како на работа, ќе се смени вашиот однос кон него. Можеби ќе мора да гледате на хобито на поинаков начин отколку претходно. Некои претприемачи не ја сакаат таа транзиција.
Јасно е дека претворањето на хобито во бизнис е посложено. Ќе треба да правите бизнис план, да безбедите финансии и да воспоставите бренд. Но, за почеток мора прво да утврдите дали вашето хоби има потенцијал како бизнис идеја.