Од денеска се менуваат правилата за тестирање на лицата кои се враќаат во Германија. За време на сезоната на одмори, Германија воведе тестирање на аеродромите, железничките станици и автопатите со цел да спречи увоз на коронавирус во земјата.
Додека повратниците од таканаречените земји со висок ризик – вклучувајќи го и Западен Балкан, како и над 130 други земји или региони во светот – треба да бидат тестирани при влез или да поминат 14 дена во карантин, повратниците од земјите кои не се сметаат за ризични досега тие можеа да се тестираат доброволно и бесплатно.
Од денес повратниците од земјите кои не се изложени на ризик, повеќе нема да бидат тестирани кога ќе посакаат, туку само ако поради симптоми постои сомневање за коронавирус.
Во последниве недели, германските лаборатории работат скоро до границата на нивните можности – се прават околу 1,1 милиони тестови неделно. Критичарите го обвинија Министерството за здравство дека ваквото обемно тестирање чини многу работа и пари и дека е подобро да се тестира насочено.
Сè уште не е потврдено, но има голема можност тестирањето на повратниците од ризичните земји на влезот во земјата да биде укинато од почетокот на октомври. Тогаш тие ќе мора да бидат во самоизолација во домот цели 14 дена, или најмалку пет дена, по што би биле тестирани самостојно и, кога ќе имаат негативен резултат, ќе бидат ослободени од карантин.