Полното работно време, согласно членот 116 од Законот за работни односи, не смее да биде подолго од 40 часа неделно, а работната недела по правило трае пет работни дена.
Со закон или колективен договор може да се одреди како полно работно време, работното време што е пократко од 40 часа неделно, но не помалку од 36 часа. Според законодавецот, ако полното работно време не е определено со закон или колективен договор, се смета како полно работно време она од 40 часа неделно.
Од друга страна, за скратено работно време се смета она кога работникот работи помалку од пропишаното, а е поради инвалидност, медицинска рехабилитација и остварува права од задолжително социјално осигурување кога би работел со полно работно време. Оној работник кој има скратено работно време, согласно законот, има право на плаќање за работата според стварните работни обврски, како и други права и обврски од работниот однос како работник кој работи полно работно време.
Исто така, согласно членот 122-а од Законот за работни односи, на работникот кој работи на особено тешки, напорни и штетни по здравјето работи, а чие штетно влијание врз неговото здравје, односно работна способност не може во целост да се отстрани со заштитни мерки, работното време му се скратува сразмерно на штетното влијание врз неговото здравје, односно работна способност, во согласност со закон и колективен договор.
Како особено тешки, напорни и штетни по здравјето работи се сметаат: особено тешка физичка работа; работа под зголемен атмосферски притисок; работа под зголемена бучавост; работа во вода или влага; работа изложена на јонизирачки зрачења; работа со болни од заразни болести и со заразни материјали; работа на хируршки интервенции во операциони сали; работа во областа на психијатријата; работа со лица со најтешки пречки во психичкиот развиток; работа во судска медицина и патолошка анатомија; работа со нагризувачки материјали; работа на летачки персонал; балетски изведби; музичари на дувачки инструменти; играорци и оперски солисти; работа во близина на напон или под напон и работа на височина или длабочина.