Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во соработка со Факултетот за медицински науки при УГД Штип започнува проект „Академска пракса Аџибадем Систина“ со кој студентите од факултетот ќе имаат можност за следење на практична настава во Болницата.
„Академска пракса Аџибадем Систина“ започнува на 9-ти ноември со првата група на студенти од последна VI година на факултетот за медицински науки при УГД Штип кои ќе ги следат активностите на одделите за интерна медицина, хирургија, педијатрија и гинекологија во КБ ,,Аџибадем Систина’’.
„Вложувањата кои континуирано ги правиме во опрема и технологија, а кои не прават единствени по многу нешта не само во земјата туку и во целиот регион и најреномираните доктори кои се дел од кадарот на ,,Аџибадем Систина’’ ветуваат дека студентите ќе ги имаат најдобрите услови и можност да бидат дел од окружување во кое лесно се учи, напредува и усовршува. Како Клиничка болница ја знаеме важноста на доброподготвен и професионален медицински кадар. Нашата цел е таа, за овие идни доктори да обезбедиме едукација која ќе ги насочи и изгради во професионални медицински кадри што е круцијално за градење на стабилен здравствен систем во корист на сите граѓани. Во моментите кога јавното здравство поради притисокот од ковид кризата не може да обезбеди најсоодветна пракса која им е неопходна на студентите ние им нудиме можност да бидат дел од активностите на најсовремената приватна болница во земјата“, истакна Претседателот на Одборот на директори на КБ „Аџибадем Систина“, Јордан Камчев.
Во текот на следните неколку месеци студентите ќе ротираат низ одделите во Болницата поделени во групи. За нив, од „Аџибадем Систина“ ќе бидат обезбедени униформи, превоз, храна и целосна заштитна опрема за Ковид-19.
„Стартуваме со еден пионерски проект во државата. Оваа академска пракса за студентите резултираше благодарение на соработката помеѓу „Аџибадем Систина“ и УГД Штип. Јас би сакал во оваа прилика му се заблагодарам на ректорот на Универзитетот г-дин Блажо Боев и на деканот на Факултетот за медицински науки проф. д-р Милка Здравковска и од друга страна на Претседателот на бордот на директори г-дин Јордан Камчев, за разбирањето и спремноста да излеземе со еден ваков проект“, вели доц. д-р Андреј Петров, специјалист по дерматовенерологија и доцент на Факултетот за медицински науки при УГД Штип.
,,Академската пракса Аџибадем Систина“ ќе опфати 100 студенти од VI година на Факултетот за медицински науки при УГД Штип. Тоа значи дека 90% од идните, потенцијални доктори, моментално студенти на овој факултет, ќе ја добијат својата пракса токму во „Аџибадем Систина“.
„Во една ваква Клиничка болница каква што од денеска станува „Аџибадем Систина“, а тоа е болница со клиничка пракса се формира еден доктор до финален производ кој потоа може да работа во сите редови и да ги решава сите медицински проблеми и тајни. Прекрасно е да се работи со студенти, особено во една ваква болница со високи стандарди и најсовремена опрема, каде имате се на едно место“, потенцираше проф. д-р Јордан Савески.
„Аџибадем Систина“ е единствената болница во регионот која истовремено овозможува едукација, истражување и клиничка пракса.
„Со академската пракса им овозможуваме на студентите да направат една симбиоза помеѓу практичниот и теоретскиот дел. „Аџибадем Систина“ е единствена болница во регионот која ги има сите три ставки за дефинирање на една болница и овозможува клиничка пракса, истражување и едукација“, потенцираше доц. д-р Владимир Чадиковски, специјалист по детска хирургија и супспецијалист по детска кардиохиргија и доцент на Факултетот за медицински науки при УГД Штип.
Неврохирургот од КБ „Аџибадем Систина“ проф.д-р Јовица Угриновски упати апел со охрабрување до студентите да прашуваат и да учат од оваа академска пракса, а дека докторите од „Аџибадем Систина“ со задоволство ќе им го пренесат нивното знаење и искуство.
„Се надевам и верувам дека студентите ќе ги искористат сите можности, кадровски и техничко-технолошки кои ги нуди болницата. Ќе имаат можност да видат како се одвива процесот на лекување, процесот на дијагностицирање и мислам дека ќе имаат голем бенефит од оваа пракса“, рече проф.д-р Угриновски.
Студентите кои ќе посетуваат пракса во ,,Аџибадем Систина’’ на одделите за интерна медицина, хирургија, педијатрија и гинекологија покрај можноста која ја добиваат да бидат дел од ,,Академска пракса Аџибадем Систина’’, по нејзиното завршување, базирано на претходна, внатрешна евалуација, можат да добијат и можност за пракса во болниците на „Аџибадем“ во Турција – целосно спонзорирана од Фондација Илија Камчев, стипендирање, како и можност за вработување во КБ „Аџибадем Систина“.