Black Friday е еден од најзначајните денови на попусти за сите оние кои сакаат да купат евтино, а квалитетно. Околу тоа колку и дали се реални попустите кај нас нема да дискутираме, туку ќе разгледаме една друга опција - дали ако купиш евтино си направил добра работа?
Има една изрека која вели скржавиот плаќа дупло.. па ајде да видиме дали е така?
Размислете за вашите навики при купување. Дали ви се случило да купите одреден производ само поради ниска цена или попуст ? Среќни бидејќи сте нашле “добра“ зделка не сте ни обрнале внимание на квалитетот на производот. Во продолжение погледнете зошто квалитетот треба да ви биде приоритет.
Да претпоставиме дека наоѓате чизми кои чинат 1.500 денари но истите не се изработени квалитетно ниту пак се удобни. Сакајќи да заштедите пари ги купувате чизмите но истите се целосно уништени по 3 месеци и вие сте повторно во потрага по нови чизми. Сите сме се нашле во ваква ситуација.
Решение: вложете во квалитет
Како пример ќе земеме чизми кои чинат 3.000 денари но уште при првото пробување ги чувствувате удобни на нозете бидејќи се квалитетно изработени. Се двоумите дали вреди да потрошите толку пари но на крај ги купувате бидејќи ви се потребни удобни чизми кои би ги носеле секој ден. Во наредните 3 години не купувате нови бидејќи чизмите одлично се покажале и не се уништени иако ги носите постојано.
Забележавте ли дека првите чизми би ве чинеле повеќе пари отколку вторите? Доколку секоја година купувате нови чизми од 1.500 денари тоа ќе ве чини 4.500 денари во период од 3 години. Кога ќе вложите 3.000 денари во квалитетни чизми наредните 3 години нема да потрошите пари за нови а со тоа ќе потрошите 1.500 денари помалку.
Вложување во квалитетни производи ќе ви заштеди пари долгорочно. Секогаш кога се двоумите на што вреди да потрошите повеќе пари употребете ја формулата “ Цена според индивидуална употреба “. Цената на производот поделете ја со бројот на употреби и ќе добиете колку ве чини тој производ за едно користење.
Висока цена не секогаш гарантира квалитет но постојат брендови кои добиваат само пофални зборови од своите потрошувачи и кои оправдано имаат повисоки цени. Купувајте поретко но инвестирајте во работи кои траат.
Автор Ангела Игновска креатор на инстаграм профилот moi_finansii
Следете го инстаграм профилот moi_finansii за повеќе финансиски совети.