Речиси 200.000 евра државна помош за плати за месец ноемрви сè уште не стигнале до работниците. Управата за јавни приходи ја објави листата на вкупно 245 фирми, кои зеле пари, а до сега не ја исплатиле ноемвриската плата за 782 вработени.
Управата за јавни приходи веќе испрати последни опомени до фирмите, во кои им дава рок од 7 дена да ги исплатат ноемвриските плати. Доколку не ги намират обврските, УЈП ќе врши присилна наплата.
Веќе се блокирани сметките на 17 фирми кои добиле субвенции, а не ја исплатиле октомвриската плата.
Од Сојузот на синдикати на Македонија сметаат дека е недопустливо во време на пандемија работниците да останат без плата. Покрај парични казни, бараат и кривична одговорност од работодавачите.
Алчните газди по петти пат оставија работници без никаква егзистенција, а иако УЈП овој пат дејствуваше веднаш, се покажува дека и тоа не е доволно и дека и покрај сознанијата и информациите во јавноста, кои ги изнесуваме и ние и државните институции за одговорноста за овој вид на злоупотреби, повторно има работодавачи кои немаат милост ниту спрема работникот, ниту, пак, се плашат од државата и од казни, реагираат од ССМ. Тие нема да отстапат од идејата субвенциите за плати државата да ги исплаќа директно на сметките на работниците.
Инаку, дури 125 фирми сè уште не исплатиле плата ниту за април, мај или јуни, иако државата им дала пари. По барање на УЈП, се очекува Јавното обвинителство да покрене кривични постапки за овие работодавачи.
Извор: Сител