Патувањето со авион изминатата година беше мошне намалено поради актуелната состојба, а бројни летови беа привремено стопирани или се уште се, поради актуелната состојба.
Сепак пристигаат најави за подобра година, а тоа е затоа што македонската влада годинава ќе обезбеди 1,1 милиони евра субвенции за авиокомпаниите со цел тие да започнат нови линии кон земјата, пренесе EX-YU Aviation News.
Порталот го цитира министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој вели дека Владата ги гледа сите авиокомпании кои работат на македонскиот пазар како сериозни партнери за развој на воздушниот сообраќај во земјата и дека ќе продолжи да работи со нив.
„Оваа година се обезбедени 1,1 милиони евра во буџетот како финансиска поддршка за лансирање на нови линии”, вели Бочварски додавајќи дека земјите постепено ќе ги укинуваат ограничувањата поради КОВИД-19, па воздушниот сообраќај ќе започне да се враќа на претходните нивоа.
Во текот на изминатата деценија, Македонија додели стимулации за лансирање нови рути на заинтересирани превозници преку јавен тендер во тригодишни интервали. Сите ги освои „Визер“, кој единствено покажа интерес.
Бочварски претходно рече дека буџетската авиокомпанија ќе започне летови меѓу Абу Даби и Скопје, иако продажбата на билети допрва ќе започне. Минатиот месец, украинската авиокомпанија „Виндроус“ почна со услуги од Киев до македонската престолнина.
Како што потсетува овој специјализиран портал, владите низ целиот регион се обидоа да ги стимулираат превозниците или да одржуваат летови или да започнат нови услуги пред пандемијата со корона вирусот.
Минатата година, словенечката влада се одлучи за слична стратегија со доделување близу еден милион евра на авиокомпаниите што летаат кон земјата, а дополнителни еден милион ќе бидат обезбедени оваа година.
Генералниот директор на аеродромскиот оператор „ТАВ Македонија“, Метин Батак, вели дека тековните ограничувања за влез на македонските граѓани продолжуваат да се една од најголемите пречки за обновување на воздушниот сообраќај во земјата.
Зборувајќи за EX-YU Aviation News, Батак вели дека најголемиот предизвик за обновување на македонскиот патнички сообраќај се ограничувањата за патување за македонските граѓани воспоставени од земјите-членки на ЕУ, поради КОВИД-19.
„Имено, граѓаните со македонски пасоши не можат да влезат во ниту една земја на ЕУ, освен ако се работи за основни дејности (претежно медицински работници) или имаат одреден вид виза (во зависност од земјата).
Дополнителна главоболка е што различните држави на ЕУ имаат различни ограничувачки политики воведени поради КОВИД-19. Не постои координиран пристап кон проблемот во ЕУ и тоа ги засега сите земји географски лоцирани во Европа и пошироко.
Ова е надворешен фактор што ние како оператор на аеродромот не можеме да го ублажиме со 77 отсто од македонскиот воздушен сообраќај концентриран во ЕУ. Ова е главно надлежност на Владата. Сепак, ние сме во ситуација во која не можеме да седиме и да чекаме. Ние мора да дејствуваме“, вели првиот човек на „ТАВ Македонија“.
Тој додава дека до македонската влада, Министерството за здравство и сите релевантни органи иницирале и предложиле модел на систематско тестирање на домашните аеродроми.
„Се надеваме дека ќе започнеме со отворање на границите од некои од главните пазари на ЕУ, а потоа една по друга, другите земји ќе ја спроведат истата практика.
Тоа е комплициран процес кој, покрај воспоставувањето на вистинскиот здравствен орган што би извршил тестирање на аеродромот, вклучува билатерални договори меѓу Македонија и земјите-членки на ЕУ, затоа, ќе ни треба целата поддршка што можеме да ја добиеме од владата и соодветната ЕУ тела”, изјави Батак за овој портал.