По најавата за целосно враќање на административните работници на своите работни места, а работодавачите и работниците од сите индустриски гранки во земјата и светот постојано се во потрага по одговорот на прашањето како правилно да го организираат работниот процес со цел ефикасно реализирање на работните задачи, но истовремено и зачувување на здравјето на секој работник, односно намалување на опасноста од ширење на коронавирусот.
Со цел да се даде одговор на прашањата кои работни места се со висок, а кои со среден или низок ризик, а во рамки на националната методологија која се базира на утврдување на ковид-возраст, во јавна употреба е пуштен ковид-калкулаторот, кој е достапен на овој линк.
Ковид калкулаторот како практична алатка за утврдување на ковид-возраста на секој работник, заедно со националната методологија се изработени од страна на Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) кое во соработка со Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) интензивно работи и на основање на центарот на знаење „Епи Ковид-19 БЗР центар“.
Резултатите се индивидуални, а за нивно добивање потребно е да внесете параметри за одредени заболувања, како и возраст, висина и тежина.
Што е ковид-возраст и зошто е важна?
Утврдувањето на ковид-возраста овозможува проценка на индивидуалната медицинска/клиничка вулнерабилност (чувствителност/ранливост) на секој поединец за развој на болеста КОВИД-19. Базирана е на публицирани медицински докази за главните ризик фактори и нивното влијание врз очекуваната тежина на клиничката слика и исходот на болеста. Како основа за оваа алатка е земена биолошката возраст на пациентите / работниците, од причина што досегашните докази укажуваат дека токму таа e најголем ризик фактор за компликации и смрт од КОВИД-19.
За да се пресмета ковид-возраста, се зема актуелната (биолошка) возраст на работникот и на неа се додаваат дополнителните години што се специфични за секој поединечен медицински фактор на ризик.
Ковид-возраста ги сумира сите фактори што влијаат на очекуваниот исход на болеста, вклучувајќи ги возраста, полот и различните здравствени проблеми кои ги има лицето за кое се однесува проценката. Функционира на принципот на „превод“ на поединечниот здравствен ризик фактор во години, кои се додаваат (или одземаат) од актуелните биолошки години (возраст) на лицето. На овој начин се добива „очекуван збир на години“ според кои понатаму се проценува ризикот дека едно лице ќе заболи и каков би бил понатамошниот очекуван исход од таа болест.
Оваа публикацијата насловена „Проценка на ризик на работно место при изложеност на Сарс-Ков-2 вирусот“ е издадена од страна на МЗЗПР и е достапна на следниот линк.
Ковид-калкулаторот е создаден за практична пресметка на ковид-возраста, а врз основа на публикацијата изработена од авторите: проф. д-р Елисавета Стикова, специјалист по медицина на труд; д-р Искра Кочева, специјалист по медицина на труд; м-р Милан Петковски, дипломиран инженер по ЗПР, д-р Тања Петрушевска Синадиновска, специјалист по медицина на труд и м-р Снежана Јанкова Петковска, дипломиран инженер по ЗПР.