Од 20 евра за метар квадратен земјиште на кое може да се подигне нова градба, до купување на мали хотели - Македонците и оваа година продолжуваат да купуваат имоти на грчкиот Халкидики.
Стевче Јашар го продал својот ресторан во Скопје и 300.000 евра веднаш ги префрлил во Грција за да изгради вила и да започне бизнис со издавање на просториите.
- Во Грција има специјални агенции кои посредуваат за се што сакаш да купиш, а ти само треба да имаш пари. Се нуди градежно земјиште, а може, што секако е уште полесно, да се купи веќе изграден објект. Добриот бизнис е загарантиран и нема шанси да нема побарувачка. Доаѓаат Македонци, Срби, Романци, а секој индивидуално се снаоѓа како ќе ги донесе кај него да престојуваат. Нема никакви пречки да ви се оствари замисленото дури и за државјани со македонски пасош. Ако вложиш над 251.000 евра добиваш грчка лична карта и со неа слободно патуваш во 170 земји во светот - вели Јашар.
Тој, но и агенциите од Македонија, потврдуваат дека може да се купи плац за градба по 20 евра од метар квадратен покрај руралните средини подалеку од плажите, а обично земјиштето чини од 50 до 70 евра по м2.
- Сепак, има критериуми со коефициенти на градба и не може на некој што ќе му дојде на ум да гради и на кој начин ќе гради. Инаку, може да се изгради се - од посебен апартман, мазонети, вили па до хотел - објаснува Јашар.
Во Македонија има околу 30-ина агенции кои продаваат имот на Халкидики а во главно се рекламираат „герилски“ на фејсбук-страници. Поактивни се оние од југоисточниот крај на Македонија, бидејќи се поблиску до Грција и има поголема концентрација на заинтересирани со куповна моќ. Еден таков посредник ни рече дека цените на објектите се најоптимални, бидејќи не постои друго место на кое можеш да купиш толку евтино во близина на атрактивно море, а згора да се одмориш или да заработиш.
- Во последно време во Грција има многумина што заглавија со долгови и имаат проблеми со банките, потребна им е веднаш готовина и може да се начека евтина цена, а единствено се што треба во процедурата е нотар и адвокат. Купениот апартман или куќа може да се користи, на пример 15-ина дена за себе, а потоа може да се издава или да им се отстапи на блиски. Ние нудиме 25 апартмани и куќи, работиме само три месеци и веќе има голем интерес. Цените се движат од 1.100 до 1.500 евра по метар квадратен. Цената е примамлива, а процедурата е едноставна во Грција - ни изјави посредникот.
извор: faktor.mk