Со пролетта доаѓа и можноста за поголема употреба на велосипедите, и сѐ повеќе граѓани го користат тоа. Градот и општините ги охрабруваат сите да купат и користата велосипед давајќи одредени субвенции. И сѐ повеќе се зголемува бројот на учесници во сообраќајот со велосипеди.
Законот предвидува соодветна опрема што мора да ја поседува секој велосипед, или велосипед со мотор како што е пропишано. Покрај возилата и велосипедите и велосипед со помошен мотор , во сообраќајот на патиштата треба да имаат исправни пропишани делови и опрема.
Глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на возач што постапува спротивно на правилата за велосипед.
Согласно правилникот од страна на министерството за внатрешни работи како задолжителна опрема на возилото и велосипедот за безбедно учество во сообраќајот на патиштата е пропишано следното:
Опрема за велосипед и велосипед со помошен мотор
* Светло за осветлување на патот и обележување на возилото
Едно светло за осветлување на патот на велосипеди и на велосипеди со помошен мотор треба да биде поставено и прицврстено на предната страна на возилото. Светлината што ја дава светлото треба да биде во бела боја, а оддалеченоста на светлечката површина на тоа светло од површината на патот не треба да биде помала од 40 cm ниту поголема од 120 cm.
Едно задно позиционо светло во црвена боја на велосипедите и на велосипедите со помошен мотор треба да биде поставено и прицврстено на задната страна на возилото. Оддалеченоста на светлечката површина на светлото по површината на патот не треба да биде помала од 25 cm ниту поголема од 90 cm. Светлото може да биде поставено со катадиоптер.
* Катадиоптери на велосипеди и велосипеди со помошен мотор
Еден катадиоптер во црвена боја на велосипедите и на велосипедите со помошен мотор треба да биде вграден и поставен на задната страна на возилото, а по еден катадиоптер во жолта или портокалова боја – на секоја страна на педалот (од предната и задната страна). Оддалеченоста на рефлектирачката површина на катадиопетерот со црвена боја на задната страна на возилото од површината на патот не треба да биде помала од 25 cm ниту поголема од 90 cm.
Рефлектирачката површина на катадиоптерот во црвена боја на задната страна на возилото треба да биде најмалку осум cm. На бочните страни на предното и задното тркало на велосипедот и велосипедот со помошен мотор треба да има рефлектирачки тела што рефлектираат светлина во бела или жолта боја.
Сопирачки на велосипед и велосипед со помошен мотор
Сопирачките на велосипеди и велосипеди со помошен мотор треба да бидат вградени и поставени за секое тркало, и тоа најмалку по една сопирачка така што да се меѓусебно независни, со тоа што сопирачката на предното тркало треба да биде рачна.
Механичко или електрично ѕвонче
Механичкото или електричното ѕвонче на велосипедите и велосипедите со помошен мотор служи за давање звучни знаци и треба да биде вградено така за да дава едноличен звук со непроменлив интензитет.
Друга опрема за велосипеди и велосипеди со помошен мотор.
Друга опрема за велосипеди и велосипеди со помошен мотор со која се опремени овие возилата е:
- брзиномер;
- циклокомпјутер и пулсметар;
- носач или ногарки за потпирање;
- пумпа, алат и прибор;
- калници;
- бидони и држач за бидони;
- багажник;
- кошница;
- клучалка, сајла со катинар;
- торбичка за ставање на резервен алат и
- седиште за деца.