Тешко е да се посочи во прецизен износ, поради поголемата застапеност на дознаки во готовина, за тоа колку пари испратиле и внеле во Македонија нашинците кои работат во странство, но може да се заклучи дека поради кризата предизвикана од пандемијата повеќе испраќале преку формалните канали, а помалку самите ги донеле во 2020.
Тоа е и за очекување со оглед на затворањето на границите и намалениот физички сообраќај.
Управата за финансиско разузнавање е местото каде што давателите на услуги на парични дознаки, односно на брз транфер на пари, доставуваат податоци за трансакции во износ од 1.000 евра и повеќе. Во текот на 2020 година по тој основ доставени се вкупно 66.065 пријави за испратени пари од над 1.000 евра. Брзиот трансфер на пари е еден од начините, покрај стандардниот меѓубанкарски, за испраќање дознаки, но спредба со една година претходно не може да се направи бидејќи евиденцијата законски е започната од 1 јули 2019. Но ако се земе во предвид полугодието од таа година, може да се заклучи дека сепак лани нашите испраќале повеќе на овој начин.
Од друга страна Царинската управа за 2020 бележи пад од 64,4 отсто помалку пријавени девизи како готовина на граничните премини, односно на аеродромите. Вкупната вредност на пријавените девизи што законски треба да се пријават над лимитот е нешто повеќе од 6 милиони евра. Во оваа сума, покрај тоа, влегуваат 50,8 милиони прикажани денари.
Според Народна банка, вообичаено од испратените пари, делот во готовинска форма го сочинуваат над 70 отсто од вкупните приватни трансфери, додека дознаките кои доаѓаат во нашата економија преку формалните канали се движи во просек околу 180 милиони евра годишно во последните десет години.
Според проценките на НБ коишто се прават според методологија усогласена со Меѓународниот монетарен фонд, износот на овие дознаки, од 2009 година наваму, надминува една милијарда евра годишно, односно изнесува околу 16 проценти од БДП.
Со овие пари се намалува сиромаштијата, но оние пари кои се испраќаат по легални канали како банки и брз трансфер на пари за 15 години изнесуваат само 2,8 милијарди евра. Податоците на Народната банка покажуваат дека токму тие лани растеле. Приливот на пари по овие канали за девеете месеци лани изнесува 210 милиони евра, или за 63 милиони повеќе од истиот период од 2019 година, или 10 милиони повеќе од парите испратени за цела 2019 година кои изнесувале 199 милиони евра.
Извор : https://faktor.mk/