Ден пред Велигден во земјата треба да стигнат 200.000 вакцини од кинески Синофарм а во мај и 500.000 дози од Синовак. Министерот за здравство најави дека со овие големи количини ќе бидат снабдени сите пунктови за масовна имунизација на населението. Освен од Кина, Филипче чека одговор и за руски Спутник како и датум за втората пратка на Астра Зенека преку Ковакс механизмот. Граѓаните немаат право на избор иако во земјата веќе се достапни вакцини од повеќе компании.
-Денес треба да стигнат 10 000 дози од фајзер преку директен договор а го имаме и распоредот секој понеделник да стигнуваат меѓу 4000 до 7000 вакцини односно вкупно 26.000. Треба да стигне и одредена количина преку системот на солидарност од ЕУ преку Австрија, изјави Венко Филипче, министер за здравство.
Според најавите од здравствените власти во следниот период ќе има милионски дози на вакцини а на официјалниот сајт се пријавиле само околу 200 000 граѓани. Филипче упати апел за аплицирање на вакцинација.мк.
Инаку денеска во пунктот во Борис Трајковски почна ревакцинацијата со Спутник кои се донација од Србија и со нив беа вакцинирани припадници од критичната инфраструктура.
Досега во земјата вакцина примиле околу 52.000 лица а овој период е и Светската недела на имунизацијата која годинава е под мотото – Вакцините зближуваат.