Постојните мерки за ограничување на движењето и другите рестрикции и мерки за примена на личната заштита за спречување на ширењето на КОВИД-19 истекуваат денеска, а вчера Кризниот штаб предложи полицискиот час од утре да почнува од 21 часот и да трае до 5 часот изутрината, да се отворат летните тераси на сите угостителки објекти, а за време на претстојниот празник Велигден, сабота кон недела (1 кон 2 мај) и 12 кон 13 мај кога се слави Рамазан Бајрам да нема полициски час. Сега на потег е Владата која на денешната седница треба да донесе конечна одлука.
Олабавувањето на мерките, според министерот за здравство Венко Филипче, се должи на подобрената епидемиолошка состојба, а тоа е резултат на, како што вели, навремено донесените мерки и димензионирањето на целокупниот систем на координација на приеми во болниците.
-Бројот на новозаболени од КОВИД-19 се намалува, трендот е дефинитивно таков, епидемиолошката крива е во опаѓање. Денеска има и помалку од 100 новодијагностицирани случаи. Сето тоа се чувствува и во болниците насекаде низ државата, каде беа многу полни капацитетите, сега има тренд и тој број испишани пациенти е поголем од примените, изјави вчера Филипче.
Посочи дека се намалува притисокот кон болниците во внатрешноста со префрлање пациенти во скопските јавно здравствени институции и системот на координација меѓу клиниките.
-Имајќи го и ова сега предвид се ослободуваат и некои одделенија кои беа дополнително ангажирани да сместат пациенти со КОВИД-19. Генерално чувствуваме олабавување во смисла на намален притисок. Ги следиме трендовите и во околните држави, овој втор бран насекаде, во сите околни земји спласнува. Се надевам дека тоа, заедно со забрзаната вакцинација која ќе следи по Велигден, кога пред се ќе бидат дистрибуирани кинеските вакцини согласно бројот на пријавени во регионите, ќе ја смени сликата, рече Филипче.
За претстојните верски празници, Велигден и Рамазан Бајрам, сабота кон недела и 12 кон 13 мај, нагласи, нема да има полициски час и граѓаните ќе можат слободно да се движат, со почитување на мерките за заштита-носење маска и држење дистанца. Напомена дека угостителските објекти за време на верските празници ќе работат до 21 часот.
За групирањето за време на празниците, министерот рече дека верските лидери зеле обврска сè што може да се организира надвор, тоа и да се стори.
-Со ваков начин на организација и одговорноста на граѓаните ќе нема прекршување на мерките. Едноставно, сите со сопствената одговорност да покажеме дека може да се функционира и во присуство на вирус, порача Филипче.
Претставници на Владата и на верските заедници вчера на средба констатираа дека преземените мерки за заштита на јавното здравје дадоа резултати, што го покажува намалувањето на бројот на заболени лица и на граѓани кои имаат потреба да бидат згрижени во болниците, со што се создаваат и можности за поспокојно одбележување на верските празници Велигден и Рамазан Бајрам.
Изразен е заеднички став дека ваквата ситуација не значи и опуштање, поради што Владата и верските лидери на МПЦ-ОА и на ИВЗ апелираат до сите граѓани и понатаму да ги почитуваат мерките за заштита, затоа што од тоа ќе зависи и дали ќе има нови олабавувања на мерките и на полицискиот час.
Владата и поглаварите на МПЦ-ОА и на ИВЗ, во пресрет на одбележувањето на верските празници, заеднички укажуваат дека од голема важност е дисциплината и индивидуалната одговорност на верниците и на граѓаните, во делот на почитувањето на важечките протоколи, како што се носењето маска на отворен и затворен простор, држење дистанца, негрупирање, присуството во внатрешноста на верските објекти да не е поголемо од 30-процентна исполнетост на капацитетот.
Од Кризниот штаб минатата недела наведоа дека предлог-мерки на Комисијата за заразни болести ќе се разгледуваат исклучиво доколку се задржат трендовите на опаѓање на бројките на новозаразени и хоспитализирани лица, за што клучно е почитувањето на личните мерки за заштита од КОВИД-19 и активните протоколи за функционирање во услови на КОВИД-19
Извор: https://www.biznisvesti.mk/