Вакцинираните во Германија од недела ќе бидат ослободени од многу мерки
Бундестагот, по Долниот дом на германскиот Парламент, денеска исто така ја одобри владината уредба со која на вакцинираните против коронавирусот им се дозволува одредено ослободување од мерките против пандемијата.
Според уредбата, која треба да стапи на сила во недела, лицата кои биле целосно вакцинирани, како и луѓето кои го преживеале коронавирусот, се изземени од обврската за строго ограничување на личниот контакт, забрана за движење во текот на ноќта, како и од обврската за приложување негативен тест.
Вакцинираните исто така ќе бидат ослободени од досега задолжителниот карантин по враќањето од странство. Исклучок се повратниците од таканаречените области каде што има и други соеви на вирусот, како Индија, Бразил или Јужна Африка. Како целосно вакцинирани се сметаат луѓето кои примиле две дози од вакцината и поминале две недели по приемот на втората доза.
Премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, Армин Лашет повика на единство во општеството и предупреди на можни поделби помеѓу вакцинираните и оние кои сè уште не добиле можност да се вакцинираат. Тој им порача на вакцинираните дека кон оние кои сè уште не се вакцинирани треба да се однесуваат „со почит и без триумфализам“.