Бројките покажуваат стивнување на епидемијата со коронавирусот. Вчера од направени 3.108 тестирања само 198 биле позитивни, што е шест отсто од тестираните. Пред извесно време тој процентот се движеше над 25. Се намалува и бројот на починати. Вчера се регистрирани 12 лица кои не ја добиле битката со Ковид-19. Најмладиот е на 37 години од Крушево. Регистрирани се и 333 оздравени пациенти.
Паралелно со тестирањата, се одвива и вакцинацијата. Министерството за здравство информира дека заклучно со завчера во цела држава вакцинирани се 97.004 граѓани, а преку веб-платформата „vakcinacija.mk” за вакцинирање се пријавиле 256.346 граѓани.
Досега во земјата се направени вкупно 738.012 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 153.891, бројката на оздравени пациенти е 137.664, на починати е 5.079, а бројот на активни случаи изнесува 11.148.
На Клиниката за детски болести има едно дете позитивно на Ковид-19 а на Гинекологија нема позитивни пациентки. На Институтот за физикална медицина и рехабилитација има седум болни.
Полицискиот час сега трае од 23 часот навечер до 5 часот наредниот ден.
Од Владата најавија дека за дополнителни олабавување на рестриктивните мерки ќе се одлучува на почетокот на следната недела.