Нема свадби, веселби, учениците следат настава онлајн, а опасниот вирус ги принуди многу од работниците да работат од дома. Поради пандемијата на коронавирусот се намали и потрошувачката на облека.
Тоа што слабо се купува облека на домашниот пазар се одрази и на текстилните фирми. Дел од нив се затворени, и не се знае дали ќе се отворат, а дел едвај го преживуваат периодов. Маријана Перковска од Текстилниот кластер објаснува дека поради пандемијата граѓаните помалку купуваат облека и стабилизација очекува во последниот квартал од годината.
„Факт е дека поради пандемијата граѓаните многу помалку купуваат облека и тоа е толку очигледно. Народот не се движи, не се одржуваат прослави, концерти, многу работници на работа одат преку еден ден или се со редуцирани смени, и тоа се одразува на купувањето на облека. Состојбата станува многу непредвидлива, не може да се планира, но се очекува во последниот квартал од годината да има опоравување. Мерките кои државата ги нуди не се доволни за санирање на штетите“, вели Перковска.
Сопствениците на бутици во главниот град објаснуваат дека за повеќе од 50 отсто им е намалена работата, и се принудени да дадат попусти за да привлечат купувачи.
„Нашата работа е врзана со матури, свадби, а сега тоа го нема, нема ни други настани и народот нема потреба да купува нова облека. Оние кои работат, претежно си работат од дома и не обновуваат гардероба. Дури сме принудени да дадеме попусти за да продадеме нешто“, велат од бутик во Скопје.
Состојбата во помалите градови е полоша. Намалување на продажбата има за 70 до 80 отсто. Свечена облека не се купува, а остатокот се нуди на попуст.
„Ние имаме два бутика, од кои едниот е бутник со свечена облека и венчаници и тој не работи, не се продава воопшто. Во другиот бутик од елегантна облека ставивме акцент на фармерки и други паричиња кои се за секојдневна употреба, а цените се ниски“, објаснува сопственичката на бутиците Резидент и Милано во Битола.
Многу бутици во државата се затворени неколку месеци откако почна пандемијата, поради намален обем на работа и не се знае кога и дали ќе бидат отворени повторно. И на глобално ниво е тешко. Многу европски и американски ланци за трговија со облека не успеаја да ја продадат облеката од минатата година.