Група од 40 американски државни обвинители апелирале денеска до извршниот директор на Фејсбук, Марк Закерберг, да се откаже од плановите за лансирање на верзија на Инстаграм за деца помлади од 13 години.
"Користењето на социјалните мрежи може да биде штетно по здравјето на децата кои не се спремни да се снаоѓаат во предизвиците на профилите на социјалните мрежи", рекле службениците во писмото кое го потпишале и генералните адвокати на Округот Колумбија и три американски територии, пренесува "Reuters".
Се додава дека Фејсбук во минатото "не успеал" да ја заштити добросостојбата на децата на своите платформи.
Во писмото на две страни, кое го потпишале генерални обвинители од Њујорк, Тексас, Калифорнија, Масачусетс, Небраска, Мичиген, Охајо, Јута, Вермонт и Кентаки и други, се наведува дека "изгледа дека Фејсбук не ја подмирува потребата туку ја создава, бидејќи оваа платформа првенствено им се обраќа на децата кои инаку немаат или не би имале профил на Инстаграм".
Минатиот месец, Кампањата за детство без реклами исто така го повикала Закерберг да не креира верзија на апликацијата за размена на фотографии за мали деца, велејќи дека тоа ќе доведе до големи ризици.