Овој скептицизам кон државните кампањи за вакцинација, авторот го поврзува со недовербата кон државата што датира од социјалистичкиот период, со посебен акцент на маргинализираните групи на населението, како што се Ромите.
Весникот Ноје Цирхер Цајтунг (НЗЗ), на почетокот на анализата од дописникот на Југоисточна Европа, Волкер Пабст, истакнува дека до неодамна, Србија важела за земја со најголема стапка на вакцинација против коронавирус во Европа (покрај Велика Британија).
Но, во меѓувреме, кампањата, како што се наведува во текстот, постепено забавува. Како главна причина се посочува недоверба на граѓаните кон вакцинацијата. Тоа е и една од причините за отворање на српската програма за вакцинација за граѓаните од соседните држави.
Во соседните држави пак сликата е многу по антивакцерска.
„Една лекарка од Бања Лука сведочи дека од петмина повикани граѓани само еден одговорил на повикот за вакцинирање“, пишува НЗЗ. Слично е и во Косово и во Македонија.
Весникот се повикува и на анкета од агенцијата „Галуп“ која покажува дека, со исклучок на некои земји настанати од распадот на Советскиот Сојуз, ниту еден дел од светот не е толку скептичен за вакцинацијата против коронавирус како Источна и Југоисточна Европа.
„Во Босна и Херцеговина и Унгарија, само тројца од десет испитаници би примиле вакцина. На Косово 32 проценти, во Бугарија 33 проценти. И во Албанија, Црна Гора, Македонија, Србија, Романија и Чешка помалку од 40 проценти од луѓето се подготвени да бидат вакцинирани“. НЗЗ наведува дека испитувањето било спроведено во 2020 година, кога многу малку се знаело за вакцините. Но, сепак во текстот додава: „Оттогаш, довербата порасна во многу делови на светот, но не и во Југоисточна Европа“.
Овој скептицизам кон државните кампањи за вакцинација, авторот го поврзува со недовербата кон државата што датира од социјалистичкиот период, со посебен акцент на маргинализираните групи на населението, како што се Ромите.
Но, уште поголема улога во создавањето недоверба, според НЗЗ, се припишува на посебната подготвеност на жителите од овој дел на Европа да ги прифатат различните теории на заговор поврзани со вакцинацијата.
Според извештајот на групацијата The Balkans in Europe Policy Advisory Group (BiEPAG) во САД и Западна Европа е забележана подготвеност за прифаќање на теории на заговор во врска со вакцините кај максимум 25 проценти од населението.
Во исто време, оваа вредност во земјите од Југоисточна Европа некаде е и двојно поголема. „Повеќе од 60 проценти од анкетираните веруваат дека фармацевтската индустрија придонела за ширење на вирусот, а скоро половина веруваат во вмешаноста на Бил Гејтс или американската воена индустрија“.