Новата редовна директна авиолинија меѓу Москва и Скопје, според најавите на Nordwind Airlines, треба да се одвива еднаш неделно, секој петок попладне со време на поаѓање од Меѓународниот аеродром Шереметјево во 14 часот и 45 минути и време на пристигнување на Меѓународниот аеродром Скопје во 17 часот и 10 минути. Со неа практично, по 20 години пауза повторно се отвора воздушната врска меѓу двете земји.
ТАВ Македонија најави дека од утре стартува директната авиолинија Скопје – Москва. Првиот лет на руската авиокомпанија Nordwind Airlines од Москва во Скопје треба да пристигне утре попладне во 17 часот и 10 минути.
Отворањето на новата авиолинија официјално ќе го одбележат министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, амбасадорот на Руската федерација, Сергеј Баздникин и генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак кои по пристигнувањето на првиот лет од Москва на Меѓународниот аеродром Скопје ќе дадат изјави за медиумите.
Воспоставувањето на директната линија Скопје – Москва првично беше најавено за 21 мај 2021, но Nordwind Airlines го одложи поради, како што соопшти, епидемиолошката состојба.