Од полноќ бензинот и дизел горивото ќе поскапат за половина денар по литар, нафтата за домаќинствата за еден литар. Бензинот од 98 октани ќе се продава по цена од 70 денари за литар, цената на бензинот од 95 октани ќе изнесува 68 денари, додека дизелот ќе се продава за 60,5 денари за литар.
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,39%.
Малопродажните цени бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемуваат за 0,50 денар/литар, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 1,00 денар/литар.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 1,008 ден/кг и ќе изнесува 34,889 ден/кг.
Од вторник во 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
- Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 68,00 (денари/литар)
- Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС-98 70,00 (денари/литар)
- Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 60,50 (денари/литар)
- Масло за горење екстралесно 1 (ЕЛ-1) 60,00 (денари/литар)
- Мазут М-1 НС 34,889 (денари/килограм)
Од Регулаторната комисија велат дека во изминатиот седумдневен период сите референтни цени на светските берзи во просек бележат зголемување: бензинот за 2,177%, дизелот за 2,457%, екстра лесното масло за 3,190% и кај мазутот зголемувањето е за 3,554%, додека во истиот период курсот на денарот во однос на доларот е повисок за 0,404%.