Железничкиот транспорт е убедливо најмалку користен вид на транспорт во земјава, иако е најеколошко средство за превоз на патници. Покрај автомобилите, кои граѓаните на С.Македонија ги користат за најголем дел од своите патувања, патниот превоз со автобуси е најупотребуваното средство за транспорт. Со автобуси, вклучувајќи го градско-приградскиот, меѓуградскиот и меѓународниот превоз, лани патувале 43.457.000 патници. Такси превозот е исто така омилен на македонските граѓани, па така во 2020 година овој превоз го користеле 11.083.000 патници. Најголем дел од граѓаните со такси патувале во градовите, додека 679.000 патници лани ги употребиле такси возилата во меѓуградскиот транспорт.
Од двата македонски аеродроми лани со авион патувале над 781.000 патници, а огромното намалување на авиосообраќајот е резултат на ковид-19 пандемијата и фактот што воздухопловниот превоз беше речиси целосно нефункционален во текот на пролетните месеци.
Податоците на Државниот завод за статистика за 2020 година покажуваат дека железничкиот патнички превоз е најмалку користен од граѓаните, земајќи го во предвид фактот дека С.Македонија нема бродски транспорт. Со патничките возови лани биле превезени само 253.000 патници.
За разлика од нашата земја, во Европската Унија железничкиот транспорт се користи многу повеќе од такси превозот и бродскиот транспорт, а во некои земји е позастапен и од авиосообраќајот. Во рамките на ЕУ, 2021 година е прогласена за година на железничкиот сообраќај, а главната причина за ваквиот потег на европските лидери е фактот дека возовите се најеколошкото средство за масовен превоз на патници.
Наспроти ова, автобусите, автомобилите и камионите заедно, во 2018 година учествувале со загрижувачки 71,8 отсто од емитуваните стакленички гасови во атмосферата на ниво на ЕУ. Значаен придонес во создавањето на климатските промени имаат и авиосообраќајот, но и водниот транспорт, кои се двата следни „најголеми загадувачи“ на атмосферата меѓу земјите-членки на ЕУ. Во Северна Македонија сè уште премалку се зборува за климатските промени, но и истовремено се помалку се користи железничкиот сообраќај во секојдневните патувања.
извор: meta.mk