Одморот е потребен по цела година работа, но според податоците кои претходно ги објави Евростат, од 57 па до 61.2 отсто од граѓаните во земјава не можат да си дозволат да заминат на одмор. Податоци за тоа каква е состојбата оваа година нема, но нема многу оптимизам дека ќе биде подобро поради пандемијата, изгубените работни места и намалените приходи кај граѓаните. За дел од населението одморот е луксуз. Од туристичките агенции велат дека луѓето најчесто уплаќаат аранжмани до 6 дена на море, а многу се поретки оние кои летуваат по 10 дена.
Но, во Европа е поинаку. Околу 29 проценти од жителите на земјите членки на ЕУ на возраст над 16 години не можеле да си дозволат еднонеделен годишен одмор надвор од својот дом во 2019 година, покажуваат податоците на Евростат. Меѓу земјите членки на ЕУ, во Романија 54 отсто од жителите не можеле да си дозволат еднонеделен годишен одмор, по што следат жителите на Грција – 49 проценти, Хрватска – 48, Кипар – 45 и Италија – 44 проценти. Од друга страна, само 10 проценти од жителите на Шведска не можеле да си дозволат еднонеделен годишен одмор, по што следат Данска и Луксембург – 11 отсто, Финска – 12, Германија и Австрија – по 13 проценти. Од 2010 година наваму и во Европа се зголемува процентот на луѓето кои можат да си дозволат одмор.
извор: faktor.mk