Роботите нема да ги заменат луѓето, туку треба да им помогнат во извршувањето на секојдневните задачи во магацините и со тоа да го намалат ризикот од повреда.
Вработените во складиштата на Амазон наскоро ќе добијат помош во нивната секојдневна работа во пренесување и сортирање на бројни нарачки пред да ги испратат. Но, магацините нема да вработат нови работници, туку – роботи. Како што обично се случува кога вработувате роботска работна сила, Амазон вели дека тие нема да ги заменуваат луѓето, туку ќе им ја олеснат работата и ќе ги ослободат од одредени работни места кои бараат многу напор. Ова го истакна и Кевин Кек, директор за напредна технологија во компанијата, бидејќи роботите не треба да ги забрзуваат процесите и да ги прават поефикасни, но акцентот е ставен на – безбедноста.
Во моментов Амазон тестира два вида роботи во магацините во Сиетл, Бостон и Италија, кои со време треба да ги зафатат своите работни места во другите магацини на компанијата.
Роботот Ерни се наоѓа на фиксирано место и не се движи низ магацинот, а неговата задача е да ги подигне кутиите со роботската рака и да ги постави пред работниците. Благодарение на тоа, вработените во магацинот повеќе нема да мора да се наведнуваат или да се искачуваат толку многу и да го оптоваруваат телото за да дофатат предмети и пакувања, со што се намалува можноста за нивна повреда. Минатиот месец компанијата објави дека сака да го намали бројот на несреќи при работа за 50 проценти до 2025 година и објави дека има намера да инвестира над 300 милиони долари во безбедносни проекти до крајот на оваа година.
Другиот робот, Берт, е мобилен и опремен со камери и сензори за да може да се движи низ магацинот. Тој е целосно автономен и програмиран да пренесува пакети меѓу локациите. Амазон веќе размислува за негова поголема верзија, која би превезувала поголеми и потешки пакувања во магацините. Исто така, Амазон во моментов развива уште два автономни роботи за превоз на стока – Скутер и Кермит.