Во Штип полуматурантите најмал интерес покажале за упис во штипското средно текстилно училиште.
Во Штип, градот на текстилот, полуматурантите најмал интерес покажале за упис во штипското средно текстилно училиште „Димитар Мирасчиев“. Десетина завршени основци е бројката на запишани во првиот уписен рок, а останатите се близу 90 слободни места.
Прво и некогаш најголемо училиште во градот, кое пред само две децении беше расадник за текстилен кадар, сега бара ученик повеќе.
Во средното електро-машинско за разлика од текстилното, пополнети се сите слободни места во двете паралелки за профилот компјутерски техничар за автоматика, каде се пријавиле 20-ина ученици повеќе од предвидената квота. Оваа струка кај младите е атрактивна, бидејќи како информатичари со стекнато стручно образование имаат можност да продолжат со студии на повеќе факултети, исто така и да се најдат на пазарот на трудот.