Уникатни даски за сервирање кои прават храната да има поубав вкус
Зад приказната на Шоубо од Битола стојат тројца - Александра и Ивана кои се задолжени за уметничкиот дел и епоксидната смола, и Михајло кој рачно ги изработува даските. Станува збор за мал бизнис за изработка на уникатни даски за сервирање чие мото е “Не биди едноставен, биди шарен”. Креативна приказна која заслужува аплауз и внимание.
- Замислата ни беше да направиме нешто поразлично, и пошарено за сервирање на трпезата бидејќи денес многу повеќе се “јаде со очи“ и при тоа мислиме на она дека храната денес повеќе од било кога се фотографира и споделува на социјалните мрежи..
Вака го започнавме разговорот со оваа креативна тројка чија уникатна приказна заслужува и внимание и пофалба а пред се видливост.Идејата се родила пред три години а денес фино си “газат“ со нарачки и со уникатен дизајн.. А како изгледале почетоците и со кои предизвици се соочува ваков вид на бизнис?
-Пред да почнеме, доста време ни одзеде да ја најдеме епоксидната смола која беше најбитниот потребен материјал и достапен кај нас. Потешко достапен, бидејќи пред се, мора да биде нетоксична смола и безбедна при контакт со храна. И ден денес, се уште не е достапна во нашата држава, па ја набавуваме од Англија. Останатите материјали, како што се дрвото, алатите за сечење и средствата за полирање кои исто така се безбедни при контакт со храна, ги имаме кај нас.
- Доста голем предизвик ни е набавката на дрва, како што се маслиновото дрво и дрвото од цреша. Тие имаат посебна убавина и природни шари кои ги прават доста необични даски.
Месечно велат дека имаат доста нарачки, посебно зголемена побарувачка е пред празници и во летните денови.А она што е најважно никој не останува рамнодушен на уникатниот изглед и убавина на овие даски.Може да се сервира храна на нив, да се пие кафе на подметачите за филџани да се постават на маса како декоративен елемент и да се заклучи: Храната сервирана на овие Шоубо даски секогаш има поубав вкус!
Во иднина планираат да растат и да се развиваат
- Дефинитивно би сакале да ја прошириме и зашараме уште повеќе нашата понуда. Моментално работиме на нови производи за кои што се надеваме дека ќе го имаат истиот добар прием кај нашите потрошувачи.
А што велат за конкуренцијата?
- Што се однесува до конкуренцијата, напротив. Не само што не се плашиме туку и ги охрабруваме сите кои што се занимаваат со оваа дејност, безразлика дали е хоби или професионално, да продолжат да напредуваат. Ќе биде себично ако не признаеме дека дел од нашата инспирација се секако и другите изработувачи кај нас и во светот. Место има за сите. Најважно е да се одржи вистинскиот квалитет.
Ако до сега фотографиите и муабетот ве поттикнаа да си нарачате една ваква шарена уникатна уметност еве го одговорот на најважното прашање: Колку време претходно треба да се порача, како оди креативниот процес, што се имате во понудата и каде може да ве најдат?
* Може да не најдат на Instagram и Facebook под името shOObo store. За изработка ни се потребни 7 до 10 денови, и зато најдобро е да се направи нарачката барем 10 дена пред. Даските ги изработуваме по нарачка, и секоја даска си е уникатна и не може да биде идентична со друга. Од клиентот ни е потребно да ни каже каков модел сака, од кој вид на дрво и која комбинација на бои. Понекогаш изработуваме даски за да бидат достапни веднаш, доколку на некого им затребало за побрзо од 10 дена.
На крајот секако прашавме која е пораката за оние кои се мислат да си почнат своја приказна а уште се плашат?
-Ако навистина сакате да создадете нешто, прво запрашајте се дали го сакате и дали би уживале во секој момент од изработката. Не мислете на финансиските придобивки. Тоа само ќе ви направи дополнителен притисок. Креирајте и создавајте со љубов, само така вашиот производ ќе стигне до вистинскиот корисник.
Штом вие верувате во вашата приказна, сигурни сме дека има уште, најмалку 3, кои веруваат во истата. А тоа е сосема доволно за првиот чекор.
А ние од Вработување ви посакуваме уште поголеми и похрабри чекори напред и да, пласман на светски пазар оти Shoobo заслужува да се најде и на светски трпези!
Благодариме!