Од МВР соопштуваат дека периодов службите работат со продолжено работно време, вклучително и во текот на викендите со цел граѓаните кои имаат потреба од нови документи навремено да го остварат своето право.
Оттаму потсетуваат и дека пасошите и возачките веќе се издаваат со новото уставно име, а старите ќе важат најдоцна до 12 февруари 2024.
„Имено, од 5 јули, по успешно спроведената завршна фаза на миграција на податоците на новиот, надграден систем, стартуваше издавањето на новите патни исправи и возачки дозволи, усогласени со Уставот, во делот на новото уставно име на државата, во кои се имплементирани и одредбите од Законот за јазици на Република Северна Македонија. Притоа, како што е веќе информирана јавноста, личните документи со името Република Македонија ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во документот, а најдоцна до 12 февруари 2024 година“,
соопштија денеска од МВР.
Ваквото соопштение на МВР следува откако изминатиот период имаше низа реакции и критики во јавноста за проблеми при издавањето на документите, а одредени денови можеа да се видат и турканици пред дел од шалтерите. Од МВР, пак, во денешното соопштение наведуваат дека според информациите од Одделението за управни работи, овој период секоја година, со исклучок на минатата, е зголемен интересот на граѓаните за добивање на документи. Годинава, по олабавување на мерките против пандемијата, пишува во соопштението, интересот е енормно зголемен бидејќи граѓаните во претходниот период не ги обновувале документите, поради затворените граници како последица од ковид-кризата.
„Така, само во јуни биле издадени околу 42 000 патни исправи, околу 20 000 лични карти и околу 10 000 возачки дозволи, додека во периодот од 05.07.2021 до 14.07.2021, примени се вкупно 41 864 барања за лични документи, имајќи предвид дека дневно во последниве три месеци се регистрираат по околу 3 000 телефонски и 1 000 електронски закажувања за лични документи. Обрасци од сите лични документи има во доволен број, а издавањето на готовите документи продолжува со несмален интензитет за да им се излезе во пресрет на граѓаните“,
велат од МВР.