Внатрешните делови на кафулињата, рестораните, ноќните клубови, како и кината и театрите во Грција, од денеска почнуваат со работа, но само за вакцинирани гости или за лица кои прележале Ковид-19, а сертификатите ќе се проверуваат преку специјалната апликација „Covid free“. Одлуката на грчката Влада стапува денеска во сила, ќе важи до 31 август, а се однесува исклучиво на затворените делови и на конкретните објекти, во кои дозволено е само седење.
Иако првично, пред две седмици беше најавено дека внатрешните делови ќе бидат по избор на сопствениците или „мешани“ или „чисти“, сепак тогаш бројот на новозаразени беше околу 500, со надолен тренд, за разлика од сега кога бројот на нови случаи континуирано се зголемува, па затоа било одлучено, на затворено да биде дозволен влез само за вакцинирани. Веќе се објавени и достапни и специјалните знаци што ќе покажуваат дека станува збор за „Covid free“ простори, а дополнително во приватниот и јавен сектор доколку персоналот е целосно вакциниран, постои дополнителен знак што може да биде поставен.
Казни од 2.000 до 10.000 евра за прекршување на правилата на работа
За прекршување на конкретните мерки предвидени се и строги парични казни и привремено затворање на локалите.
- При првото прекршување, доколку објектот е до 200 метри квадратни, казната е 2.000 евра, а над 200 метри квадратни, 5.000 евра и седум дена затворање.
- При регистриран втор прекршок, без разлика на големината на објекрот, паричната казна е 10.000 евра и затворање на 15 дена, а при трето прекршување на мерките привремено се одзема дозволата за работа на 60 дена.
Клучна за спроведување на мерките е специјалната апликација „Covid free GR“, која е бесплатна и преку која ќе се врши верификација на сертификатите.
При скенирањето на специјалниот код, ќе се појавува зелен знак за сертификатите за вакцинација и прележан Ковид-19, жолт во случај на негативен рапид или ПЦР тест и црвен знак што значи грешка или невалиден сертификат. За вакцинираните, потребно е да се поминати 14 дена од вакцинацијата, за оние кои прележале, тоа да биде во период до шест месеци од првиот негативен тест, за ПЦР тестот да биде во последните 72 часа, а рапид тестот во последните 48 часа.
Извор: nezavisen.mk