Пожарите коишто пеплосаа неколку региони и уништија илјадници хектари шума, предизвикаа ненадоместлива штета. Надлежните се постојано на терен. Вршат увид на опожарените места, се прават првичните проценки и планови како да се санираат опстошените делови од огнената стихија. Штетата е непроценлива. Шумата што ќе изгори тешко ќе може да се обнови. За неколку години се предизвикани штети од над 35 милиони евра.
Во пожарите се уништени илјадници хектари шума, за која ќе биде потребно најмалку 50 години за да се обнови. Станува збор за опустошување на „белите дробови“ на најубавите планински предели во земјата - Берово, Пехчево, Делчево, а огнените јазици деновиве ја зафатија и околината на Кочани, Битола, Гевгелија, Старо Негоричане...Само во Старо Негоричане во пожарите кои што беснееја неколку дена, изгореле 600 хектари шума.
Минатата година била опожарена површина од 1.234 хектари, а опожарената дрвна маса е 8.138 м3 при што е причинета штета од 81.071.150 денари. Во 2019 година, претпријатието евидентирало загуби од 808.669.316 денари. Опожарена била површина од 15.675 хектари.
„Шумата што ќе изгори тешко може да се обнови. Станува збор за непроценливо богатство, еден од најважните ресурси за секоја држава. Последиците од пожарите и уништувањето на шумите се рефлектираат во многу сфери од нашето живеење.
Шумата што ќе изгори тешко може да се обнови
По првичниот увид од теренот, може да се забележи дека на одредени места огнот направил вистински пустош. Како што го носел ветрот, така тој пеплосувал се пред себе. Па така на одредени места може да се забележат недопрени шуми, додека се околу нив е мириса на чад. Потребно е итно пошумување на теренот. Но, податоците од пошумувањето на нови површини во С. Македонија, покажуваат дека тоа опаѓа во изминатава деценија. Според податоците од Државниот завод за статистика, во 2020 година во земјата биле засадени нови дрвја на површина од 569 хектари, што е второ најниско ниво во изминатава деценија по 2017 година, кога биле пошумени 553 хектари.
извор: dw.com