Потрошувачкиот кредит е најзастапен во структурата на кредитите, по него многу лесно се посегнува. Податоците покажуваат дека околу 1,6 милијарди евра се дадени во вид на потрошувачки кредит, односно во овој вид кредит се пласирани околу половина од парите дадени за кредитирање на домаќинствата.
Во просек, секој вработен должи 2.800 евра замени како потрошувачки кредит. Ако половина плата се даде за отплата на рата, дефинитивно тешко се живее, особено ако се земе предвид дека просечната плата е околу 28.700 денари, но 60 отсто од вработените земаат плата помала од 25.000 денари. Сепак, доколку дојде до тоа некој да не може да ги враќа ратите, банката нема да може да му одземе 50 или 60 отсто од плата, објаснуваат извршителите.
Тоа се две различни работи. Извршувањето е присилна наплата, а прифаќањето на ратите е доброволно. Од друга страна, треба да се земе предвид дека банките во своите договори може да обезбедат и други механизми за наплата, а не само платата, какви што се хипотеки, жиранти, и тоа да се искористи при извршувањето. Од почетоков на годината има зголемување на нефункционалните кредити, односно кредити чии отплати на рати доцнат повеќе од 90 дена, но како што може да се види, вкупното ниво на нефункционални кредити е на историско најниско ниво од 3,5 проценти. Банките, пак, во Анкетата за ризиците во банкарскиот систем навеле дека очекуваат да се влоши состојбата со враќање на потрошувачките кредити.
„Претежни очекувања за влошување на квалитетот на кредитното портфолио може да се увидат во однос на необезбедените потрошувачки кредити (за што се изјасниле половината од анкетираните банки), а одреден дел (36 проценти) очекуваат влошување на портфолиото на потрошувачките кредити во денари“, пишува во Анкетата.
извор: slobodenpecat.mk