Поради намалениот број на пожари и врнежите од пред неколку дена кои ја подобрија состојбата, ЈП „Македонски шуми“ ја ублажува мерката за забрана за движење во шуми. Па така, од денеска правните и физички лица ќе може да се движат во природа со однапред добиена дозвола.
„Ова се однесува и на планинарите и на параглајдеристите, кои што ги користат нашите планини за нивните активности“, рече Ангелов.
Во моментот активни се четири пожари и тоа над селата Раовиќ и Буковиќ, во Општина Сарај, над селото Патишка река, кон Јасен, во струмичко Василево и прилепското село Топлице.
Пожарот над селата Раовиќ и Буковиќ, во Општина Сарај трае веќе две недели. Ангелов соопшти дека утрово, на ова место дејствувале два армиски хеликоптери, кои што се обидуваат да го изгаснат, но поради спецификата на самиот терен и вегетацијата која гори, многу тешко оди гаснењето на овој пожар. Овој пожар не претставува опасност за населените места и штета не е многу голема, бидејќи станува збор за нискостеблести растенија.
Во меѓувреме, активен е и пожарот над селото Патишка река, кон Јасен, но тој е под контрола, а реактивиран е и пожарот во прилепското село Топлице, кој, исто така, брзо ќе биде ставен под контрола, информираше Ангелов.
Покрај ова, активен пожар има и во струмичко Василево, на тромеѓето на општините Берово, Радовиш и Струмица. Овде, како што посочи Ангелов, горат остатоци од исечени дрвја, но верува дека ќе биде ставен под контрола во текот на денот.
извор: www.radiomof.mk