Во Турција од 6 септември невакцинираните нема да можат да посетуваат концерти, кина и театри ниту, пак, да патуваат со авион, автобус, воз или друг јавен превоз
Од 6 септември во Турција сите невакцинирани лица ќе мора да достават негативен резултат од ПЦР-тест пред да можат да присуствуваат на социјални настани, вклучувајќи концерти, кина и театри. Ова ќе важи и за патниците што планираат да патуваат со авион, автобус, воз или друг јавен превоз, пренесува „Хуриет дејли њуз“ повикувајќи се на соопштение од турското Министерството за внатрешни работи.
Прочитајте за новите мерки во земјава кои ќе важат од 1 септември.
Претходно, претседателот Реџеп Таип Ердоган објави дека ПЦР-тестовите ќе станат задолжителни како дел од напорите на владата да го ограничи ширењето на ковид-19. Според овие планови, невакцинираните наставници, студенти и универзитетски персонал, исто така, ќе треба да направат тест пред да продолжат со работата во образовните институции.
И покрај забрзаната вакцинација, дневниот број на луѓе заразени со ковид-19 од јули минатата година е над 20 илјади. Шефот на Одделот за заразни болести на Универзитетот во Анкара, професор Исмаил Балик, вели дека невакцинираните во моментов се најголемата група меѓу оние што се лекуваат во одделенијата за интензивна нега.
„Втората најголема група се оние што примиле само една доза вакцина против ковид-19, потоа следуваат пациенти што примиле двете дози, но не развиле целосно имунитет. Четвртата група се луѓе што се целосно вакцинирани, но поминале повеќе од три месеци од вакцинацијата“, објасни тој.
Повеќе од 88,6 милиони дози на вакцини против коронавирус се дадени во Турција од средината на јануари. Околу 46 милиони луѓе ја примиле првата доза, а повеќе од 35 милиони биле целосно вакцинирани, забележува „Хуриет дејли њуз“.