Постарите генерации или барем оние југоносталгичари ќе кажат дека формалното образование е клучно за да може да се најде работа и пристојно да се заработува. Од друга страна сведоци сме на се поголемата побарувачка за ИТ кадар кој и со основни курсеви може многу добро да заработува. Се чини дека првиот став е по малку застарен и нема голема примена во денешните случувања на пазарот на трудот, додека втората група на млади луѓе го живеат својот сон, но дали тоа ќе трае долго…
Некаде на средина и со професии кои повеќе наликуваат на економски модел од пред 30 години се најголемиот дел од работоспособното население во Македонија. Кај овие луѓе нема јасна дистинкција, дали откако се вработиле треба да продолжат со напредок или токму сега за нив почнува нов процес на учење и градење во вистински професионалец.
Со надеж дека мнозинството ќе го одберат вториот правец, во продолжение ќе наведеме 4 вештини на кои мора да работи секој оној кој сака да има напредок во кариера.
- Јавно говорење – во голем број на компании има вработени кои имаат огромни познавања од проблематката, но немаат никакво искуство со јавно изразување на ставови. Тука не станува збор за некакви ораторски вештини, туку водење на нормален разговор со клиенти, соработници и претпоставени. Има луѓе кои и воопшто не можат да ве погледнат во очи додека комуницирате. Тоа не значи дека тие се лоши работници, туку дека мора да се поработи со нив на тема самодоверба. Еден од начините како најдобро се стекнува самодоверба за јавно говорење е вклучување во процес на продажба. Не сите имаат шанса да бидат инволвирани во директна продажба, но за сите оние кои се сеуште во фаза на студирање или бараат работа, треба да се прилучат кон било каков процес на продажба и да учат од неуспешните обиди. На овој начин ќе стекнете самодоверба која не само што ќе ви го катапултира кариерниот напредок, туку и значително ќе го подобрите својот приватен живот.
- Активно слушање – на бројни состаноци каде се дебатира за одреден проект/задача има два типа на вработени. Првите се оние кои веднаш почнуваат со изнесување на позитивни и негативни страни, се гласни и првите моменти од состанокот се исцрпуваат. Спротивно од нив, втората група е составена од луѓе кои внимателно слушаат, акумулираат информации, прават проверки на своите ставови, не искажуваат емоции дали се согласуваат или не со говорникот и секогаш зборуваат последни. Математички, шансите за подобра презентација, а со тоа и оставање на поголем впечаток имаат вторите. Ваквото тактичко однесување до совршенство го имаше најголемиот лидер на сите времиња Нелсон Мандела. Тој тоа го научил како многу мал кога ги посетувал состаноците на неговиот татко, каде сите биле седнати во круг, а неговиот татко бил последен што зборува. Способноста да го задржите мислењето во себе до последен момент носи најмалку два бенефита: останатите ќе се осеќаат дека нивното мислење е слушнато, а исто така ги користите придобивките од останатите размислувања. Практицирајте да бидете последниот што ќе зборува.
- Менаџирање на сопственото време – Многу луѓе постојано се жалат дека се премногу зафатени и дека немаат воопшто слободно време. Најчесто ова се оние истите луѓе кои откако ќе се вратат од работа поминуваат по добри 4-5 часа пред телевизор/компјутер/телефон на работи кои немаат никакво учество во креирање дополнителна ефикасност. Исто така и за време на работното време има голем на луѓе кои се затрупани со хартија и кои секогаш се во паника дали ќе ја исполнат зададената задача во предвидениот рок. Овие типови на луѓе имаат проблем со менаџирање на времето и колку побрзо тоа си го признаат сами на себе, толку порано ќе го постигнат посакуваниот напредок. Кариерата, како и животот, е процес во кој нема застој. Тоа е трка во која само оние кои рационално и продуктивно ќе го потрошат своето време ќе имаат можност да уживаат во придобивките од организираниот живот. За почеток, почнете со задавање мали задачи во попладневните часови. Периодот од 19-20 часот нека бидат посветени на учење нешто ново(литературна надградба во постоечкото хоби, професионалнo усовршување, развој на нови бизнис идеи, потенцијални можности за инвестирање и сл.). Во првиот момент кога ќе осетите дека презафатеноста ја заменувате со продуктивност, додадете повеќе гас. Само добро потковани професионалци може да го изнесат товарот на модерниот живот.
- Практикувајте константност – За многу луѓе низ деловните згради може да се слушне дека во одреден период од кариерата застанале, односно не продолжиле да се развиваат. Тоа се случува во оној момент кога ќе ги постигнеме одредените таргети и имаме чувство дека сме најдобри. Терминот “најдобар” е најбрзиот начин за уништување на сопствениот развој. Бизнисот нема почеток и крај и нема победници и губитници. Има статистика само на оние кои го преживеале и опстоиле. Во превод тоа би значело дека мора да се трудиме секоја година да бидеме подобри од минатата, да напредуваме психички и ментално и сами да да ја поставуваме летвицата уште погоре. Само константната работа може да ве одржи на врвот. Најдобар пример е Кристијано Роналдо. Човекот има освоено се што може да се освои и повторно секоја година дава максимални напори да остане најдобар. Континуитет треба да го прифатиме како нераскинлив дел од нас, а тоа ќе ни донесе големо задоволство во работата.
Ова се само наколку сегменти од тоа како да станеме подобри професионалци, подобри колеги и пред се подобри луѓе. Посветеноста во завршување на работата на најдобар можен начин треба да стане норматив и истата да се практикува уште од најрана возраст. Дополнително, вашата посветеност може во голема мера да ги поттикне тие околу вас, а чувството дека сте направиле нешто добро за другиот некогаш може да биде и основа на се она што го работиме.