Одливот на работна сила од Македонија се засилува. За тоа говори фактот, што за само неколку минути 50,000 македонски граѓани ја отвориле веб страницата на германската Амбасада, за да аплицираат за работа. Истата, како што рекоа од Амбасадата, била блокирана. Се разбира, Амбасадата нема да им одобри на сите работни визи, туку само на 4,750 Македонци, на годишно нив, што не е мала бројка.
Неодамна и Претседателот на Бирото за вработување на Германија истакна дека на државата ќе и требаат 400,000 работници годишно, во различни дејности и дека најмногу ќе бидат потребни медицински работници и негуватели. Германија започна да признава и дипломи на граѓани коишто не се од земји членки на Европската унија, па ова дополнително ги мотивира нашите млади да си ја пробаат среќата и да најдат работа, токму со помош на факултетската диплома.
Сето ова, не само што негативно се одразува на македонската економија, туку и на самиот бизнис сектор, на којшто веќе започнуваат да му недостасуваат работници од различни дејности.
Претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајкоска за порталот Работник вели дека многупати апелирале дека потребно е институционално да се работи на афирмација, како на младите луѓе, така и на компаниите, што повеќе да се занимаваат со согледување на сопствените цели и желби за иден развој и истиот да го гледаат во сопствената држава.
„За жал, мое лично мислење е дека овој проблем на континуиран одлив на работоспособно население т.н. „бела чума“, не е новина и се случува години наназад, а ние како работодавачи мораме да изнајдеме начин како да се справиме со истиот“, вели Трајкоска.
Таа вели дека во иднина ќе се соочиме со сериозен проблем на изумирање на одредени професии, токму поради тоа што работодавачите ќе се соочат со проблем на недостаток на работници.
„Овој проблем не е привремен и тој нема да исчезне сам по себе, ова е проблем кој не засега сите нас и нема да го решиме ако сериозно не се позанимаваме со изворот на истиот. Со забрзан чекор ја стигнавме судбината на Република Бугарија која стана земја на стари луѓе и пензионери“, истакна Трајкоска.
За тоа дека има голем интерес за заминување во Германија, зборува и големиот интерес за учење на германски јазик од страна на работници од различни професии.
Интересот за учење германски јазик во последените пет – шест години доживеал раст.
Според, Весна Андрејченко, основач и управител на приватното училиште за германски јазик „Висен Шуле“, во изминатите пет – шест години, интересот за учење на јазикот нагло расте. Таа вели германски сакаат да учат најмногу високообразовани лица, како доктори, специјалисти, медицински сестри, физиотерапевти, инженери, ИТ инженери, архитекти.
Посочи дека има речиси од сите професии, но најголем дел од нив се здравствени работници, поради тоа што во Германија има најмногу побарување токму во медицинската сфера.
Андрејченко истакна дека потребно е да го знаат јазикот на високо ниво, за да може да работат во Германија, притоа потенцираше дека има и случаи кога се откажуваат од учење на јазикот, поради тоа што увидуваат дека не е за потценување. Посочи дека некои од нив одат во Германија, работат некоја работа за која не им е потребно големо познавање на јазикот и патем го учат.
Таа рече дека очекува бројот на македонски граѓани кои сакаат да учат германски јазик да се зголеми во наредниот период.
Проблемот за заминувањето на младите се лоцира во лошиот образовен систем и поставувањето на државата како најголем работодавач
Од Трајкоска побаравме и коментар за неодамнешната студија која ја спроведе Вестминистер фондацијата за демократија, а која покажува дека над 50 % од младите би купиле билет за во еден правец, што самото по себе значи дека не сакаат да се вратат во Македонија.
Според Трајкоска, за младите кои заминуваат не е проблем само финансиската импликација, туку и квалитетот на живеење кој им се нуди или т.н. отсутност на перспективност.
„На нас е да најдеме модус како тоа да го промениме во најкраток можен рок, бидејќи ќе се соочиме со сериозен демографски проблем (изумирање на цели села и градови). Проблемот потекнува од периодот кога образовниот систем тргна во погрешна насока со воведувањето на дисперзираните студии се со цел да се создаде што повеќе високо образуван кадар, без да се согледа реалната потреба на реалниот сектор“, посочи Трајкоска.
Таа е децидна дека голем проблем е и тоа што години наназад како најголем работодавач се појавува државата. Поради ова, таа смета дека се изгуби концептот на мотивација на младите луѓе да ги докажуваат своите способности во индустријата и производството, а се повеќе да се насочуваат кон административни работни позиции.
Потенцираше дека незадоволството од можностите кои им ги понуди пазарот на трудот била една од причините за нивно активно напуштање на државата.
„Од таа причина како работодавачи се погласно зборуваме дека образовните институции треба да ги служат потребите на стопанството и да создадат образовни програми согласно потребите, а не да се создава кадар за кој претходно не е дефинирана работна активност. Или накратко, за решавање на овој суштински проблем треба да се согледа што другите земји прават по однос на овој проблем и какви решенија преземаат тие“, подвлече Трајкоска.
Германија воведе и Правило за работници од земји кои не се членки на Европската унија коешто им дозволува таму да работат. Како и секаде, корона кризата предизвика последици и врз пазарот на трудот во Германија, но со тоа што започна да закрепнува тамошната економија, продолжи и доселувањето од страна на луѓе од Балканот, вклучително и Македонија.
Треба да се земе во предвид дека македонските граѓани, не одат единствено во Германија на работа, туку и во другите држави во Европа, но и во САД.
Вчера, порталот Работник објави текст во кој се наведува дека во Велика Британија има голема потреба од работна сила. Таму најмногу недостасуваат возачи на камиони (100,000), но и работници од други професии.