Министерството за образование и наука и оваа година обезбеди 50 стипендии за студенти со македонско потекло кои живеат во Албанија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Косово, Турција, Романија, Црна Гора и Грција и тоа за додипломски студии на универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ и „Мајка Тереза“ во Скопје, „Св. Климент Охридски“ во Битола, „Гоце Делчев“ во Штип и „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Како што информираат од МОН, преку конкурсот кој беше објавен на почетокот на август, кандидатите – студенти од регионот кои имаат потекло од Северна Македонија и студираат во земјава, доставувале пријави во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во државите каде живеат.
Износот на стипендиите годинава е зголемен за над 80 проценти, односно месечната стипендија од 3.300 денари е зголемена на 6.050 денари и ќе се исплаќа девет месеци во годината.
„Интензивирањето на соработката во сферата на образованието со македонските заедници од регионот е високо на агендата на Министерството за образование и наука. Ова беше потенцирано и на последната средба на министерката за образование и наука Мила Царовска со претставниците на македонската заедница во Албанија, минатата година во декември, кога се дискутираше за важноста на блискиот контакт меѓу сонародниците, како и за програмите за соработка и за стипендирањето на младите кои живеат на територијата на нашиот западен сосед, а имаат македонско потекло и желба за студирање во РСМ“, велат од Министерството за образование.
Од таму потсетуваат дека минатата академска година ваков тип на стипендии им беа доделени на 20 студенти од Албанија, кои се запишаа на некој од македонските државни универзитети.
Дополнително, директна поддршка во форма на стипендии обезбедуваат и дел од универзитетите. Од 2015 година до сега, Универзитетот „Гоце Делчев“ доделил 15 стипендии за магистерски студии на студенти со македонско потекло кои живеат во Албанија, а како што информираат од УГД, овие можности за стипендирање ќе бидат достапни и во иднина.
Од МОН велат дека политиките за стипендирање кои ги спроведуваат од оваа година се ревидирани и значително унапредени во насока на обезбедување поголема поддршка од досегашната и тоа на што поголем број студенти. Воведени се низа нови типови на стипендии, а воедно зголемен е износот на речиси сите категории кои досега се доделуваа.