Велков повеќе од 30 години со секоја изорана бразда и ожнеан сноп жито ја гради својата приказна како успешен земјоделец
Земјоделството ти дава можност да работиш и да заработиш ако успееш во тоа си ја остварил целта, вели Јонче Велков (50), земјоделец во штипското село Врсаково.
Пред 10 години овој наш земјоделец се закити со награда за најуспешен земјоделец во градинарството, во овој регион. Тогаш тој на 10 хектари земја посади грав „цацара“.
Јонче Велков е земјоделец од дете и повеќе од 30 години со секоја изорана бразда и ожнеан сноп жито ја гради својата приказната како успешен земјоделец. Вели секогаш не е лесно да работиш на поле од утро до мрак, на ветер, сонце и дожд, но нивата секогаш знае да возврати. Кога го прашавме дали ја оправдал „титулата“ – признанието што го добил за најуспешен земјоделец се подзамисли и рече.
-Имав државна работа и плата, ја напуштив и одбрав да бидам земјоделец. Тогаш насадив десет, а есенва ќе посеам 50 хектари жито, вели нашиот земјоделец.
Јонче неуморно е посветен на земјоделието. Годинава ожнеа пченица на 10 хектари, а за новата земјоделска реколта планира да го зголеми производство со житни култури дури четири пати повеќе.
-Ќе посеам јачмен и пченица на педесет хектари. Годината беше добра за житариците, немаше проблем со откупот, а и цената беше добра – 12 денари за килограм. Кај површините каде минува системот за навиднување жнеевме приноси од 4,5 до 5 тони од хектар, вели Велков кој очекува дека нема да има проблеми со есенската сеидба и дека ќе се сее во оптималните рокови. Се надева дека ќе има врнежи, а времето ќе ги послужи да ги обработат и посеат нивите.
Велкови користат семенски материјал во сеидбата бидејќи оценуваат дека дава поголеми приноси, а и државата дава поголеми субвенции за употребата на семенскиот материјал.
-Климатските промени се’ се поевидентни во производството на градинарски култури. Потешко е сега да посадеш грав или нешто друго. Производството на житни култури е посигурно, заклучува Велков кој се преориентирал кон производство на житарки на поголеми површини. Тој сам не ја обработува земјата, туку заедно со неговите двајца браќа, па вели дека работаат континуирано, мешовито производство: житни и фуражни култури.
Покрај пченица нашиот полјоделец одгледува и пченка и луцерка. Вели дека најисплатлива е луцерката. Плодното Врсаковско поле дава и до пет откоси, а дури и да има невреме кое ќе направи штети, луцерката ќе се опорави.
Сепак благодет не само за него туку и за останатите производители е водата која стигнува до нивите од Хидросистемот „Брегалница“. Велков вели дека годинава немале проблеми со наводнување.
Годишно нашиот земјоделец произведува и до 300 тони луцерка, а ќе предаде 50 тони лебно жито.
-Работиме 65 хектари луцерка, а за пченката ние производителите сме врзани со цената, како ќе се движи на светскиот пазар така ќе се движи и кај нас. Сега е многу скапа. Во Србија сега е околку 16 денари килограм. Мислам дека годинава цената ќе биде задоволителна. Кај нас се движат цените од 10 до 12 тони по хектар. Оние кои имат системи за наводнување капка по капка имаат поголеми приноси, вели Велков.
Според него, земјата секогаш знае да награди доколку и се даде она што таа го бара. За него тоа е примената на добрата земјоделска пракса. Како што вели тој, секоја агротехничка мерка да се примени во дадениот оптимален рок и тогаш секој земјоделец ќе жнее она што посеал.
Важно за добри приноси и реколта е да се практикува плодоред, советува нашиот земјоделец.
-Мора да ги менуваш културите и да сееш или јачмен или пченка. Тоа е неминовно не можеш да сееш се едно исто, смета Јонче и не негира дека производството на отворено е ризик. Вели неизвесно е од почеток до крај.
-Може да сееш во екстремна суша, а потоа ќе излезе добро жито, се зависи од времето или на почеток ќе биде добро, а пред жетва може да се случи нешто. Земјоделецот од октомври до јули се додека комбајнот не влезе во нивата и да ожнее е во неизвесност. Но повеќето земјоделци го ризикуваат своето производство со тоа што не го осигуруваат родот на нивите, вели Јонче и додава дека во селото Врсаково најмногу лозарите ги осигуруваат насадите.
Велкови обработуваат своја земја, но земаат и под закуп државно, но и земјиште од приватни или индивидуални земјоделци за кое плаќале закупнина. Реагира дека голем број земјоделци аплицираат за државно земјоделско земјиште, ќе направат трошоци за елаборати и се што е потребно а потоа добиваат одговор дека се одбиени. Додека трошоците одат на грбот на земјоделецот.
За субвенциите вели дека се од помош на земјоделците. Ова семејство преку Програмата за рурален развој набавиле и потребна земјоделска механизација, како балирачки за луцерка. Ќе продолжи и натаму да аплицира на вакви програми со цел да го модернизира земјоделското стопанство. Да примени нови технологии и машини и да ја зголеми продуктивноста.
-Може да се живее од земјоделство. Треба да работиш и да бидеш трпелив, ако не работиш нема само да се роди, вели Велков кој смета дека поголемо внимание државата треба да посвети на младите земјоделци зошто иднината на аграрот понатаму е во нивни раце.