Пластичните кеси од 1 декември се забрануваат, а на пазарот ќе се продаваат биоразградливи ќеси за 15 денари по парче кои ќе треба да бидат произведени според пропишани стандарди за биоразградливост. Ова се предвидува во Законот за управување со пакување и отпад од пакување кој Собранието го донесе пред два дена.
Но, од Иницијативата за забрана за пластични кеси за Радио МОФ велат дека колкаво поместување во позитивна насока ќе донесе новиот закон, ќе зависи од понатамошниот тек и подготвеноста на институциите и Министерството за животна средина, за, како што додаваат, овојпат доследно да го спроведат законот.
„Причина за резервираност од наша страна е што иста ваква забрана веќе постои, со ЗУПОП од 2012 г, но во 2013 г. оваа законска забрана е анулирана со подзаконски акт – Правилник за стандардите на биоразградливост, донесен од самото Министерство. Со Правилникот е направено двојно кршење на Законот, прво – зашто речиси сите сектори се изземени од забраната и второ – што пластичните кеси со додадени адитиви (т.н. оксоразградливи кеси), ги протнаа на пазарот како биоразградливи. Одовде, нашиот притисок продолжува во насока, со новите Закон и Правилник конечно да добиеме вистинска забрана и вистинска биоразградливост“, објаснуваат тие.
Во законот истовремено се утврдува и дека трговците се должни да водат евиденција на квартална основа за бројот на продадени кеси, која треба да ја доставуваат до стручниот орган. Вкупната сума добиена од надоместокот од продадените кеси, трговците треба да ја пренесуваат на посебна сметка отворена за таа намена на органот за животна средина.
Дополнително, со него се забранува и пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во земјава.
Од Иницијативата сметаат дека ваквата забрана е „минорна и смешна“, потенцирајќи дека забраната се однесува само на заштитените подрачја.
„Дотолку повеќе што од 3 јули годинава, во сите држави членки на ЕУ веќе стапи на сила забрана на 10 вида еднократна пластика, како и забрана на целата оксоразградлива пластика. Недозволиво е за Македонија, земја аспирант за членство во ЕУ, олку да заостанува во однос на европските регулативи“, велат тие.
Во меѓувреме, тие сметаат дека цената од 15 денари секако ќе ги демотивира потрошувачите непотребно да купуваат кеси за еднократна употреба, преориентирајќи се кон користење на реупотребливи алтернативи.
„Оваа мерка, паралелно со подигањето на јавната свест за штетните последици од загадувањето со пластика, во голема мера би придонела за поздрави навики и почиста околина“, додаваат од Иницијативата за забрана на пластични кеси.
Собранието пред два дена ги донесе и законите за управување со отпад, Закон за управување со дополнителни текови на отпад и Закон за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад. Во август беа донесени и Законот за управува со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори и Законот за електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема.
Донесувањето на овој пакет од 6 закони, од Министерството за животна средина велат дека е во насока на реформа на законодавството од областа на управувањето со отпад, што го опфаќа општиот систем на национално ниво регулиран во општиот Закон за управување со отпад и посебни закони.
„Подготовката на законите траеше долг временски период, со учество на меѓународни и локални експерти, преку консултација со засегнатите страни, општините, колективните постапувачи и комуналните претпријатија, невладиниот сектор и јавноста, со цел вградување на потребите на засегнатите страни и втемелување на принципите на заштита на животната средина во еден функционален систем кој конечно ќе биде имплементиран соодветно и во пракса“, велат од МЖСПП.