Моделот на преземање „заразни“ песни наликува на кривите нацртани од епидемиолозите за да го прикажат ширењето на заразни болести, покажува нова студија.
Математичарите, вклучително и Дора П. Росати од Универзитетот Мекмастер во Канада, велат дека социјалните процеси во основата на популарноста на песните се слични на оние што го поттикнуваат скокот на заразни болести од еден човек на друг.
Тие потоа го истражуваа моделот познат како ПЗО (подложен – заразен – опоравен) – што го користат епидемиолозите за да го прикажат ширењето на болестите – за да направат модел за преземање на популарни песни, од музиката на Лејди Гага, па до Ед Ширан.
Кога заразна болест, како што е Ковид-19, се појавува меѓу популација, таа првично се пренесува од човек на човек преку социјални интеракции. Преваленцата на болеста на крајот достигнува врв, по што ширењето на болеста опаѓа со намалување на бројот на подложни луѓе во популацијата и / или закрепнување на заразените лица.
Епидемиолозите го користат ова знаење за да го предвидат ширењето на болестите користејќи математички модел како што е ПЗО.
Слично на тоа, кога ќе се објави нова хит песна, научниците велат дека таа „брзо се шири“ низ популација, „од личност до личност и преку разни медиуми, на крајот достигнувајќи врвна популарност, а потоа се намалува привлечноста“.
„На крајот на епидемиска болест, голем дел од населението ќе биде заразено со оваа болест, додека на крајот од периодот на екстремната популарност на хит песната, голем дел од населението ќе ја препознае таа песна“, велат истражувачите во студијата, правејќи споредба помеѓу двата процеса.
Анализата исто така откри дека моделот на преземање се разликува за песните во зависност од нивниот жанр.
На пример, моделот за преземање на песни од жанрот електроника во музичката база на податоци следеше пократок временски период од оној на поп песните, според студијата.
Песните во жанрот електроника, велат научниците, се чини дека добиваат популарност побрзо од оние во другите жанрови и „побрзо согоруваат низ нивната подложна популација“. Студијата ја дефинираше подложната популација како група поединци кои можат да преземат песна ако се изложат на неа.
Споредувајќи го начинот на споделување и преземање на песните од двата жанра, математичарите шпекулираат дека обожавателите на електроника најверојатно ќе бидат поефикасни или поактивни во пренесувањето на нивните омилени песни.
Истражувачите веруваат дека моделот ПЗО може да се искористи за да се долови основниот „механизам за пренос на песни или заразниот процес што ја поттикнува популарноста на песните“.
За да ги потврдат наодите, научниците најавуваат идни студии со ист тип на анализа на различна група на песни.
Извор: radiomof.mk