Економскaта состојба во изминатиот период се подобрува, со очекување за постепено и стабилно закрепнување на економија од ефектите на пандемијата во оваа и во наредната година. Но сепак, и покрај поволните движења, неизвесноста во поглед на раст и натаму е висока, ризиците околу проекциите се претежно надолни на краток рок, а најпогодените сектори се уште работат со ограничувања. Во таа насока, а со цел одржување на и така кревката финансиска ликвидност на претпријатијата ја потенцираме неопходноста за носење одлука за продолжување на грејс периодот за враќањето на кредитите од кредитната линија Ковид 3 кои беа дистрибуирани преку Развојна банка, а кои доспеваат на крајот на овој месец.
Согласно објавениот јавен повик за поднесување на кредитно барање за директно кредитирање на микро и мали претпријатија погодени од Ковид -19 – Ковид 3 беше предвидена директна финансиска поддршка на микро и мали трговски друштва, трговски поединци и занаетчии со рок на отплата до 3 (три) години со вклучен грејс период до 6 (шест) месеци. Имајќи во предвид дека здравствено-економската кризата е се уште присутна, а деловната активност се извршува со ограничувања, обврската за враќање на кредитите добиени преку кредитната линија Ковид 3 кај претпријатијата може да предизвика дополнително нарушување на финансиска нестабилност.
Важно е создавање на можност за одложување на рокот на отплата на бескаматниот кредит од кредитната линија Ковид 3 односно продолжување на грејс периодот, по примерот како што беше направено со Ковид 2. Барањето за пресликување на истото решение и за кредитната линија Ковид 3 испратено е до Владата на РСМ, до Развојна Банка, како и до Министерството за финансии.
Вкупниот број на активните деловни субјекти во земјава дури 99,8 % влегуваат во групата на микро, мали и средни претпријатија. Малите и средните претпријатија, вклучувајќи ги тука и микропретпријатијата, во македонската економија учествуваат со 80 % во креирањето на вработеноста во приватниот сектор, што покажува дека тие се всушност столбот на нашата економија.
Извор: biznisvesti.mk