Шпанија планира да им понуди на младите 250 евра месечно за да ги поттикне да се иселат од куќата на нивните родители и да изнајмат стан.
Ова го соопшти премиерот на Шпанија, Педро Санчез.
Предложено е месечно да се плаќаат 250 евра на млади луѓе на возраст од 18 до 35 години кои заработуваат помалку од 23.725 евра годишно, за да им се помогне да платат кирија за стан.
Други предлози, исто така, вклучуваат ограничување на износот на киријата за оние сопственици кои поседуваат повеќе недвижен имот, се` за да им се помогне на ранливите семејства и младите да плаќаат кирија во големите градови.
Недвижностите во Шпанија се познати по високата цена, и се` повеќе млади луѓе се принудени да живеат со своите родители, бидејќи кириите се прескапи, платите се ниски, а стапката на невработеност е висока. Во просек, луѓето во Шпанија го напуштаат домот на своите родители на возраст од 30 години, а во ЕУ просекот е 26,4 години.
Овој закон што го предлага Санчез допрва треба да се објави, и дури тогаш за тоа ќе одлучат претставниците во парламентот, чие одобрување би го ставил овој закон во сила.