Koлку жители во градовите, толку и засадени дрвја. Вакво сценарио би нѐ спасило од загадувањето на воздухот со кое Македонија се бори со години наназад.
Едно дрво кое е старо 30 години, е доволно по глава на жител, вели биологот Нестор Јаулески. Но, додава дека е многу важно за каков вид на дрвја се работи, и смета дека кај нас фокус треба да се стави на засадување на листопадните дрвја. Јаулески објаснува дека често се засадуваат дрвја кои имаат декоративна, но не и практична примена, а како пример ја наведе јапонската цреша, која не е автохтона во земјава. Биологот вели дека на нашево поднебје, најдобро е да се садат видови на дрвја кои брзо растат, имаат голема лисна и дрвна маса.
Значи едно дрво кое е старо 30 години е доволно за да обезбеди почист воздух за 1.5 луѓе. Добро е да се засадат липи, тополи, диви костени, врби, брези, багреми. Може да се садат во урбани средини, некаде покрај кеј. Тоа се дрвја кои растат брзо, имаат голема листна маса, помагаат за почист воздух, апсорбираат прашина, но и бучава. Дополнително тие се добри и за летните периоди, кога имаме високи температури - вели Јаулески.
Засега во македонските градови воздухот е ниско загаден според податоците од мерните станици на Министерството за животна средина, но кулминацијата се случува во зимските месеци, кога загадувањето на воздухот зема замав.
Македонските шуми летово претрпеа огромни штети, поради пожарите и сега се врши пошумување на терените. Во светски рамки, Тампа, Сингапур, Осло, Сиднеј и Ванкувер се вбројуваат меѓу градовите со најголема покриеност со дрвја.