УЈП: Нов Образец – Барање за издавање на уверение за состојба на остварен Доход
Управата за јавни приходи информира дека во примена е новиот образец – Барање за издавање на уверение за состојба на остварен доход (образец Б/УОД) кој е објавен на веб страницата на УЈП (види http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/97).
За издавање на состојба на остварен доход за период од повеќе календарски години, се поднесува посебно Барање (образец Б/УОД) за секоја календарска година.
За издавање на уверение за состојба на остварен доход предвидено е плаќање на административни такси во вкупен износ од 100 денари (50 денари за барањето и 50 денари за уверението), освен ако не е пропишано ослободување од административни такси согласно Законот за административните такси.
Новиот образец Б/УОД се користи и во случаите на поднесување на службено барање за издавање на уверение за состојба на остварен доход од јавен орган надлежен за решавање за права, обврски или правни интереси на странката согласно Законот за прибавување и размена на докази и податоци по службена должност.
Врз основа на поднесено Барање (образец Б/УОД), Управата за јавни приходи издава Уверение за состојба на остварен доход.
Постапката за поднесување на новиот образец Б/УОД и за издавање на Уверението за состојба на остварен доход на даночен обврзник на данокот на личен доход (домашно физичко лице, странско физичко лице и лице кое остварува доход од самостојна дејност) е објавена на веб страницата http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje/category/616