Македонските граѓани со страв ги очекувааат минусните температури. Според последните статистички податоци, а кои се однесуваат на 2019 година, најголемо учество во затоплувањето сè уште имаат дрвата, со 49,2 проценти, а потоа е електричната енергија со 31,3 проценти.
Состојбата не е розова ниту со огревното дрво ниту со прогнозите за струја. Покрај снабдувањето, загрижуваат и цените. Цената на струјата а и гасот, како основен енергенс за централното греење, има многу висока цена.
Речиси сите стоваришта за огревно дрво се празни. Продавачите со кои контактиравме, како во Скопје, така и низ Македонија велат дека проблемот бил во обилните дождови до пред една недела, па дрвосечачите не може да влезат во шумите. Од друга страна, дрвата што ги имале на лагер, ги продале. Оттаму посочуваат и дека со отворањето на прашањето за можна енергетска криза, во државава се зголемил интересот за купување дрва. Сличен одговор добивме и од многу други скопски стовариштата, но и во Велес, Струмица и во други градови. Сепак, нашата потрага по огревно дрво, некаде даде резултат.
Во „Караџица“ велат дека имаат ланско суво, мешано дрво и дека неговата цена е 2.210 денари за кубен метар, но препорачуваат: „Најдобро е да дојдете на самото место и да видите“.
Во скопското стовариште „Воденица“ велат дека имаат и буково и дабово дрво, но и оттаму потенцираат дека целата количина не од нив, туку има и мешавина од други дрва. Цената на дрвата е 3.700 денари за кубен метар, а дали ќе се наплати или не транспорт, зависи од количината и од оддалеченоста од стовариштето што се наоѓа во скопската населба Сарај.
Во „потрагата“ по огревни дрва, дрва најдовме и во Прилеп во „Ева Матеј“. Таму ни кажаа дека имаат даб и дека неговата цена е 3.300 денари и дека за транспорт низ Прилеп не наплатуваат.
„Национални шуми“, пак, работи со договори и граѓаните уште од пролетва почнаа да уплаќаат за дрвата. Дел од нив ги добија, а дел беа револтирани затоа што студените денови ги дочекаа со ладни печки. И оттаму ни изјавија дека проблемот бил во дождовите и во неможноста да се сечат дрва.
Што се однесува, пак, до пелетите, низ продавниците нив ги има. Но, ако пред две години се продаваа за 160 до 180 денари за вреќа од 15 килограми, сега чинат од 240 до 280 денари.
Во однос на снабдувањето со струја, од ЕСМ упорно потенцираат дека тоа е стабилно за домаќинствата и за малите фирми и ги повикуваат големите компании да си склучат договори со трговците, а Регулаторната комисија ги повикува трговците да ги исполнат договорите, односно да ја продолжат испораката на струјата.
За да се помогне во целиот процес, кога струјата на берзите е 3 до 4 пати поскапа отколку лани, ЕСМ се обидува максимум да ги вклучи домашните капацитети и покрај за домаќинствата да произведува домашна струја и за фирмите. Истовремено МЕПСО алармира дека вкупното производство и увоз се поголеми од потрошувачката. Во една ваква сложена енергетска ситуација се очекува решение во најбрзо време, со цел граѓаните да ја поминат зимата во топли домови.