Земјоделците, преработувачите или трговците можат да ги брендираат, односно да ги заштитат своите производи на пазарот. За изработката на елаборатите и спецификација за регистрација на производот можат да помош од Програмата за рурален развој за 2021 година.
Објавен е повик за техничка поддршка за брендирање на производство, преработка или трговија на ист земјоделски или прехранбен производ. Корисници на техничката поддршка се земјоделци или група на оператори со храна.
Помошта се однесува за покривање на трошоци за изработка на елаборати за заштита на називот на земјоделските и прехранбените производи со ознака за потекло, географска ознака и ознака за гарантиран традиционален специјалитет.
Максималниот износ на поддршката не може да е повеќе од 300.000 денари и изнесува 80 проценти од прифатливите трошоци за елаборатот, односно за спецификација на производот, лабораториски анализи, истражување на пазарот и трошоци за контрола. Средствата се обезбедени од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2021 година.
За реализација на добиената техничка поддршка корисниците треба да спроведат постапка за јавна набавка согласно важечката законска регулатива.
Заинтересираните, до министерството за земјоделство треба да достават предлог за добивање на средствата во рок од 60 дена од денот на објавувањето на јавниот повик во дневниот печат, односно до 27 ноември.