Трговците со нови маки, екологистите половично задоволни, а производителите револтирани – ваква е ситуацијата на терен, на неполн месец пред почетокот на забраната за употреба на пластични ќеси во трговијата и цената од 15 денари за биоразградливите.
Новата дилема со која се соочуваат трговците е – како ќе ги бројат продадените биоразградливи ќеси, за потоа сумата од продажбата да ја уплаќаат во корист на државата? Особено за маалските дуќани е спорно дали треба да набават нова програма за да ги приспособат фискалните каси, бидејќи ако остане владината одлука ќесите од 1 декември да ги наплатуваат по 15 денари, тие ќе треба да прават пресметка меѓу набавната и продажната цена и да водат посебна евиденција.
– Дали ќе ни треба нов софтвер, никој ништо не кажува. Само читаме по медиумите дека ќесите ќе треба да ги продаваме по 15 денари. Дали ќе остане оваа цена, бидејќи се шират разни муабети дека може да биде и поскапа? Се сложуваме дека е потребно да се мисли на екологијата, ама потребни ни се јасни инструкции зашто вака законите стануваат неприменливи – велат дел од малите трговци.
Според законот, трговците се должни да водат евиденција на квартална основа за бројот на продадени ќеси, која треба да ја доставуваат до стручниот орган. Вкупната сума добиена од надоместокот од продадените ќеси, трговците треба да ја пренесуваат на посебна сметка отворена за таа намена на органот за животна средина. Дополнително, со него се забранува и пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во земјава. За екологистите, пак е начелно добро решение, но мора да има гаранции и отчетност тие средства, а не да се пренаменуваат за други цели.
Јуриш по платнени торби и колички
Како и секогаш, најголемиот цех од приспособувањето на новите еколошки стандарди ќе падне врз грбот на потрошувачите, кои ќе мора да набават платнени торби или колички за пазарење. Освен поскапите биоразградливи ќеси, трговците ќе мора да понудат алтернативни пакувања, но нема решение за оние ќеси што се наоѓаат во делот на овошјето и зеленчукот, а особено на пазарите.
Дел од трговците почнаа да нудат специјални торби за повеќенаменско пазарење по цени од 39 до 100 денари. На билборди се рекламира продажба на печатени платнени торби по цена на големо од 99 денари, а количките на тркалца се од 500 до 600 денари.
Вистинските биоразградливи ќеси се прават од пченкарен и компиров скроб
Биоразградливите ќеси ќе треба да бидат произведени според пропишани стандарди, предвидува Законот за управување со пакување и отпад од пакување. Но, експертите тврдат дека на тамошниот пазар како и во повеќето европски земји не постојат биоразградливи ќеси, туку дека се изработуваат во само неколку европски фабрики и се направени од скроб од пченка и компир, така што под дејство на микроорганизмите во одредени услови тие може да се разградат на ЦО2, вода и биомаса, која се враќа во земјата, односно на соединенија што не го загрозуваат екосистемот.
Производителите немале време да се приспособат!
Во Македонија има 28 производители на пластични ќеси, а во нив работат 550 лица. Тие стравуваат дека ќе останат без работа, бидејќи не можат да ги исполнат бараните стандарди за толку кратко време. Од Иницијативата „Стоп за пластични ќеси“ објавија дека 5 илјади тони пластични ќеси се произведени во Македонија во 2019 година, или по 14 тони пластични ќеси дневно.
Извор: slobodenpecat.mk