Пријавувањето за вакцина против грип почнува од денеска преку страницата „вакцинација.мк“
Со пополнување на формата граѓаните директно ќе бидат регистрирани во системот „Мој Термин“, без да мора да одат кај матичен лекар кој би го закажал вакцинирањето место нив. Потоа по пат на СМС порака, ќе добиете информација за точниот датум и час кога треба да се вакцинирате на пунктот кој ќе го изберете преку регистрацијата.
Оваа опција важи само за оние граѓани кои спаѓаат во ризичните групи односно стари лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години.
Од Министерството за здравство велат дека не е доцна граѓаните да се вакцинираат против грип во ноември или декември бидејќи пикот на грипот е во февруари.
„Поради зголемената побарувачка на вакцини против грип на глобално ниво, се прават напори количините на вакцини да стигнат што побрзо, велат оттаму.
Министерството за здравство набави 40 илјади дози четиривалентна вакцина против грип за ризичните групи. За другите граѓани, центрите за јавно здравје набавуваат комерцијални вакцини кои се плаќаат, но уште не се пристигнати во земјава. Вакцинацијата против грип не штити од ковид, но е значајна во услови на пандемија со ковид и влијанието на здравствениот систем. Во состојба на олабавување на рестриктивните мерки кога се враќаат социјалните контакти и патувањата, се зголемува ризикот од циркулација и на грип и на ковид.
„Со тоа може да очекуваме оптоварувањето од сезонскиот грип да биде надополнето со оптоварувањето од ковид-19. Ризичните групи за грип се истите кои се под најголем ризик од ковид 19 поради што се препорачува вакцинација против грип на истите. На тој начин ќе се избегне и дополнително оптоварување на здравствениот систем бидејќи лицата заболени од грип би се хоспитализирале во ковид центрите, велат од Министерството за здравство.
Извор: slobodenpecat.mk