Кредити, сметки за болничко лекување, пари за набавка на стока, за исплата на плати, за одмор, за свадба... Македонските граѓани плаќаат со автомобили, златен накит, па дури и со телевизори.
Заложните куќи, кои во земјава постојат легално од 2014 година, даваат позајмица според процената на предметот што го заложувате. Во овие друштва, кои ги има речиси во секој поголем град во земјава, влегуваат луѓе на кои најчесто им требаат брзи пари, некои заложни куќи работат дури и со недвижнини, но само за златото може да се добие и 90 отсто од неговата вредност.
Од заложните куќи не сакаат многу да зборуваат за темата, иако велат дека имаат секакви клиенти. Сепак, велат дека иако е криза, не се чувствува зголемен обем на работа, дека најголемиот дел од граѓаните успеваат да ги вратат парите, а со тоа и предметите што ги оставиле.
Според некои претходни анализи, банкарскиот сектор останува клучен партнер за надворешно финансирање на деловните субјекти. Истражувањето на деловното мислење покажува дека постои голем расчекор во користењето на банкарското финансирање врз основа на големината на фирмата: додека 70 проценти од поголемите компании користеле банкарски кредит, истото го направиле само 30 отсто од микро-претпријатијата. Од друга страна, микро компаниите почесто позајмуваат од семејството, пријателите и од другите финансиски друштва. Најголемиот дел од граѓаните преферираат да заложат нешто за да добијат пари, а не аплицираат за кредит во банка, велат дека не можат да се вклопат во условите или да најдат жирант кога ќе се најдат во тесно.
– Луѓето што земаат поголема сума за бизнис, може да понудат и недвижнина. Има работа, ама во последно време сè потешко се враќаат сумите, да речеме од десетина клиенти само тројца или четворица плаќаат навреме. Иако се добро запознаени со условите, со висината на каматите, добиваат договор, одиме на нотар, а отпосле велат дека не знаат што потпишале – велат во една скопска заложна куќа.
Инаку, процедурата за давање ваков кредит во заложните куќи подразбира процена, за преземањето се потпишува и договор, земените предмети се чуваат на посебно место, во магацини, а автомобилите на плацови. Кога клиентот ги враќа парите, го зема и тоа што го оставил како залог. Има и такви што никогаш не се вратиле по заложеното.