Ако нема туристи, нема ниту работа за туристичките водичи. За нив ова е уште една лоша година.
Годинава само мал број од туристичките водичи во земјава имаа работен ангажман со руски и полски туристи кои шетаа во Скопје и Охрид. Коронавирусот им ја загрози егзистенцијата, и веќе втора година повеќето од нив се без работа. Иако со години вложувале во своето знаење, сега се принудени да си бараат друга работа. Дел од нив се вработиле во државен, во приватен сектор или пак заминале надвор од земјата. Од Здружението на туристички водичи велат дека ако лани 100 отсто не работеа, сега 70 до 80 отсто од водичите останаа без работа.
„Имаше малку работа во текот на летото и септември, а сега сезоната е завршена и не можеме ништо да предвидиме затоа што ова не е локален, туку глобален проблем. Да се надеваме дека од март идната година ќе имаме туристи, а со тоа и работа за водичите. Премногу е амбициозно да кажеме било што, затоа што туризмот ќе зависи од тоа каква ќе биде состојбата со коронавирусот. Ние зависиме од странските пазари. Жално е што овие луѓе со години учеле, читале, вложувале во своето знаење, се надградувале, и сега немаат работа. Водич не се станува само со полагање за туристички водич, туку е потребно многу повеќе“, вели Бранко Босилков, претседател на Здружението на туристички водичи.
Катерина Василеска која 18 години работела како водич, вели дека пандемијата речиси го уништи туристичкиот сектор, а со тоа и водичите.
„Од просечно 50- тина групи годишно, последните две години имав по 2-3 групи. Јас работев со италијански агенции, а тие беа првите кои прекинаа да доаѓаат и сѐ уште не се вратени. Затоа почнав да се занимавам со производство на зимници. Претходно во Македонија и Косово сум видела тури“, објасни Василеска.
Пред пандемијата во земјава имаше 1.000 туристички водичи, а сега бројката е драстично намалена.
Извор: faktor.mk