Ретки се оние кои од како ќе заминат во странство, по неколку години се одлучуваат да се вратат назад во Македонија. Таков е примерот со охриѓанецот Горан Анѓелоски кој по години поминати во Швајцарија носи одлука животот да го продолжи овде, но со убава намера да инвестира во туризмот и тоа во Куратица селото од каде што потекнуваат неговите дедовци.
По десеттина години поминати иљадници километри далеку од Охрид, во Швајцарија, охриѓанецот Горан искуствата стекнати при посетата на швајцарските алпи ги носи во Куратица, планинско село кое се наоѓа во подножјето на Плаќенска планина на дваесеттина километри оддалеченост од градот.
Заедно со своите другари од селото го промовираат како одлично место за развој на руралниот туризам кое само во 2015 година го посетиле 4000 туристи од Холандија. Традиционална храна, џип сафари тури по широките планински предели или прошетки со магариња е она што им го нудат на гостите.
„МИ ДОЈДЕ НА ИДЕЈА КАКО МОЖЕ ТИЕ СЕЛА КОИ ЖИВЕАТ ТАМУ ВО ПЛАНИНИТЕ ДА ОПСТОЈУВААТ, А НИЕ НЕ МОЖЕМЕ СО МНОГУ ПОУБАВИ УСЛОВИ ШТИ ГИ НУДИ САМАТА ПРИРОДА. ДОЈДОВМЕ ДО ЕДНА ИДЕЈА СО ДРУГАРИТЕ ВО КУРАТИЦА ДА ГО РАЗВИВАМЕ СЕЛСКИОТ ТУРИЗАМ. САКАМЕ ПРЕКУ ЦЕЛАТА ГОДИНА ДА ИМА ПОНУДА И КУРАТИЦА ДА ЈА НАПРАВИМЕ 12 МЕСЕЧНА ПРИКАЗНА ВО СЕКОЈ ДЕЛ ОД ГОДИНАТА КОГА ЌЕ ДОЈДЕ ТУРИСТ ДА ПОЧУСТВУВА ДЕКА ТУКА Е МАЛА ОРГАНИЗИРАНА НАСЕЛБА“, ВЕЛИ АНЃЕЛОСКИ.
Од Куратица сака да направи мини зимски центар како нова атракција во охридско.
Имаат за цел да почнат да го развиваат зимскиот туризам, а за таа идеја да стане реалност пред неколку години набавиле ратрак за рамнење на снегот, над селото има услови и за мини скијачка патека од 800 метри, а во план е да постават и ски лифт. Сакаат на овој начин да ги донесат швајцарските алпи во Македонија.
„Беше идејата за поставување на еден ски лифт. Идејата потекна од едно село во Швајцарија кое беше на 800 метри надморска висина, а имаа ски лифт. И добивме понуда ски лифтот да ни биде даден за минимална сума и да го демонтираме сами. И ја покренавме таа иницијатива бидејки Куратица е на 1100 метри. Тоа во охридско би било една добра атракција и промоција на самото село“, вели Анѓелоски.
Во Куратица од 1998 година се одржува и Курајчкиот карневал кој исто така е се по препознатлив.
Наместо Швајцарија, Горан за своја дестинација за живот ја одбира Македонија.
Навраќајки се на приказната на Горан, овој млад човек вели дека почетокот бил тежок бидејки во белиот свет заминал по завршувањето на средното училиште во далечната 1992 година. Отишол со цел да заработи и да купи столарски машини со што ќе ја продолжи традицијата на своите дедовци кои се занимавале со столарскиот занает.
„Уште пред да одам имав замисла да купам машини за столарија и да ги донесам тука да си работам. Тоа го сторив иако многу не веруваа во тоа. Мислеа дека и јас како и сите печалбари кои заминаа да спечелат ќе останам. Но целта мене ми остана до крај и тоа го направив“, вели Анѓелоски.
Четирите деца на Горан иднината ја гледаат во Македонија.
Горан е татко на четири деца но вели дека тие никогаш не пројавиле желба да останат и да живеат во Швајцарија. Нивна одлука била да останат во Македонија тука да живеат, учат и да ја создаваат иднината.
„Се вклопуваме овде во фамилијарен бизнис, а тоа е столаријата, а еве сега и во Куратица имаме инвестиција во фамилијарен ресторан. Со поддршка од децата и мојата фамилија напредуваме“, вели овој охриѓанец.
Ова е профилот на неговиот ресторан. https://www.facebook.com/EthnorestaurantDedoDimo/